Евроскептицизмот во Македонија на највисоко ниво досега

Лажната и оптимистичка врева, поткрепена со сериозна пропаганда и агресивна кампања, за брза и ефективна интеграција на Македонија во Европската Унија, после решавањето на спорот со јужниот сосед, излегува на површина. Ветувањата од страна на домашните авторитети се претворени во фарса, европските бирократи заглавија во сопствената регулатива а македонскиот народ сѐ уште во чекална.

Возвишената европска дипломатија која тврдеше „уште името“ – никаде ја нема. Сѐ е исто, само изговорот не! – Тогаш беше јужниот, денес е источниот сосед, тогаш проблемот беше во името, денес којзнае во што. На ова, македонскиот народ повеќе не верува! – Довербата во Европската Унија со огромен пад, на ниво најниско до сега.

Истражувањето „Балкан барометар 2021“ на Регионалниот совет за соработка, кооснован од ЕУ, покажа пад на поддршката за пристапување во Европската Унија на Македонија за над 20%. Односно, ваквата поддршка во моментот е 53%, што практично е најниско ниво на поддршка „за пристапување во ЕУ“ откако се прави ова истражување.

Споредено со останатите земји од Западен Балкан, просечното ниво на „поддршката за пристапување во ЕУ“ е 63%, Македонија го руши овој просек.

21% од испитаниците од Македонија, веруваат дека земјата ќе стане членка на ЕУ до 2025 година, 31% до 2030 година, а исто толку воопшто не веруваат дека некогаш ќе биде примена во ЕУ. Ваков евроскептицизам во Македонија не е забележан досега.

Интересен е фактот дека секоја година се зголемува бројот на испитаници од Западен Балкан кои не веруваат дека нивната земја некогаш ќе стане членка на ЕУ. Оваа година, таа бројка порасна на 22%.

Овој раст на евроскептицизмот, како во земјата, така и во регион на Западен Балкан, е јасен показател до домашните политичари и европските бирократи, дека целиот овој процес се движи премногу споро, а крајот не му се гледа. Веројатно, ова е сигнал, дека земјата и регионот имаат потреба од алтернатива.