Живот во 30 годишната транзиција во Македонија , посебно животот на жената во овој период и зошто Левица

Пишува: Оливера Стефаноска, член на ЛО Левица – Кичево.

No description available.
Оливера Стефаноска

Се сеќавам, како вчера да беше . Имав 11 години кога со гордост се кажував Југословенка. Македонка од  Југославија  (дури им се лутев на моите родители зошто не ми го ставиле името Македонка ). Одеднаш станав само Македонка , непризната од никого…

И ако претходно живеев и уживав во благодетите од претходната држава, н грижејќи се за својата иднина , одеднаш се соочив со нова ситуација , фабриката од татко ми (единствен вработен во фамилија) отиде во стечај. 

Добивавме помош од 6000 ден. од  државата и со тие пари требаше да се издржуваме петчлено семејство. Работа немаше, огромен број на работници останаа без работа и ги снајде истата судбина.

Се снаоѓавме како што знаеме и умееме, собиравме мов, смрека, кантарион, ајдучка трева, печурки, сè што можеше да се продаде. Брат ми во тој период  се школуваше во Загреб , на кого моите родители строго му наредија дека мора да ги заврши испитите на време, бидејќи немаат повеќе средства за неговото  образование. Се сеќавам дека со последните пари го испраќавме во Загреб, а тој секогаш земаше само пола (знаеше дека ако ги земе сите, ние ќе останеме без ништо). Кога се запишував во средно и кога требаше да одберам  насока, моите родители ми рекоа воопшто да не планирам за факултет.

Тоа беше мојот прв удар и моето прво соочување со транзицијата.

За прв пат почнав да работам на мои 14 години. Преку лето работев, а за време на школската година учев. Завршив средно и продолжив да работам, секако непомислувајќи на факултет (мојата најголема животна желба).

Потекнувам од провинциски град од Македонија, каде што беше многу тешко да се најде и задржи работа.  Важеа неколку критериуми при вработување на жена, а меѓу нив,  да си млада и згодна, да работиш за плата под минималец, нормално без здравствено и пензиско осигурување, каде газдата те третира полошо од роб. И сето тоа се издржуваше се додека газдата по одреден период си дозволуваше, бидејќи е тој газда (а воедно и Бог), да бара се повеќе и повеќе обврски . Да работиш по 10- 12 саати , без слободни денови , а мобингот им беше како нормална работа. 

Во тоа време, мобингот како поим не постоеше (иако денес како поим постои, но сè уште работниците се недоволно запознаени или имаат страв да пријават) и во таков случај единствено решение , беше да напуштиш од работа. „Бидејќи газдата беше секогаш  во право, дури и кога не е во право.”

Борејќи се сама , со сите неправди на патот( бидејќи моќта и правдата се во богатиот), живеејќи во држава каде криминалот и корупцијата се нормална работа, сепак успеав да завршам факултет. Работев и учев  и не ми беше тешко, учењето ми претставуваше задоволство .

И повторнo, се соочуваш со следниот удар од транзицијата. Не е доволно да имаш само диплома за завршено образование и не само што треба да си млада и згодна, туку треба да имаш партиска книшка , од партијата што е на власт во моментот, па соодветни пријатели и на крај да платиш одредена сума за одредено работно место.

Но, јас не сум тој тип на човек, јас сум човек кој верува во еднакви можности за сите, јас сум човек кој сака да биде вреднуван според знаењето и квалификациите кои ги поседува . Не сум човек кој се продава .

Тешко е, многу е тешко да живееш во Македонија со такви принципи, да веруваш во чесност, поштеност , а посебно да веруваш дека сепак некој некогаш ке го забележи и ќе го цени трудот кој си го вложил (многу пати ме сметале и за глупава, ненапредна со времето). Тешко е, но јас жестоко се спротивставував. Се спротивставував дури и тогаш кога ми викаа молчи. Критикував јавно , се соочував со притисоци . Не бев за ниедна партија, но бев обележана (бидејќи некој од мојата фамилија бил од таа и таа партија , по автоматизам значи дека и јас сум од таа партија).

На луѓето им беше неспоиво и не можеа да разберат кога ќе кажев не ги сакам ни едните, ни другите, јас не можам да поддржувам криминалци. И не можам да се “лигушам “пред никого. И не можам да се вработам партиски за да морам да одам по улици и да им шлапкам на водачите и да бидам условена пред секои избори , пред секое гласање да носам 10 гласачи плус од фамилија.

До толку ни е партизирана државата , што кога ќе критикував една, по автоматизам  луѓето разбираа дека сум од другата партија.

Викаат, „молчи!” – од тоа што молчеа генерациите пред нас, јас живеев таков живот како погоре напишаното.  И како јас да ги воспитувам моите деца? Учи , работи чесно и поштено , за да се мачиш цел живот како мене ? Или снаоѓај се , биди криминалец , бидејќи криминалците уживаат во благодетите во Македонија на грбот на народот , па и ако заглавиш затвор , не е проблем , ќе си ја откупиш слободата со украдените пари од народот. Викаат, „молчи, овие можат да ти се одмаздат и на твоите децa!” Не молчам , токму заради моите деца! 

Не молчам за моите деца  да гледаат иднина и перспектива во нивната татковина. И да , ја одбрав Левица! Токму заради вредностите кои ни се совпаѓаат. 

И додека вие се срамите од криминалите на вашите партии и се обидувате на некој начин да ги оправдате („викате – сите крадат , ама овие помалку, ниедните не се добри , ама да го избереме помалото зло”), јас се гордеам што сум од Левица  и го одбирам најдоброто. И додека вие живеете во општество со испревртени вредности , јас се обидувам да ги сменам.

Не, нема да молчам! Јас сум од Левица и вредностите ни се совпаѓаат . И да, можеби мислите дека сум наивна што верувам во идеали, можеби мислите дека не припаѓам во ова време и место, но јас сепак верувам  дека е доблест:  да си ја сакаш државата со цело свое срце, да работиш и заработуваш чесно и верувам во еднакви можности за сите. 

И да повторам, не, нема да молчам! Бидејќи јас сум од Левица. Јас сум за неподмитливите!