На денешен ден, во 1943 година во заседа од бугарскиот фашистички окупатор загинал народниот херој Димката Ангелов – Габерот

Статус на Црвена Младина – Кавадарци по повод загинувањето на народниот херој Димката Ангелов – Габерот, подла заседа од бугарскиот фашистички окупатор.


„Слично на атмосферата во општеството денес, овој паметен, племенит учител кој на своите говори продирал во душата на народот, бидејќи бил противник на владата долго време бил без работа и на таков начин оневозможен да благородната учителска професија ја искористи како медиум на својата мисла.

Во пролетта 1937 година е обвинет дека е комунист и е уапсен заедно со поголема група напредни луѓе и одлежува три месеци затвор во Велес. Димката добива работа како учител во село Дабниште во септември 1937 година. Тоа траело кратко, бидејќи во март 1938 година заминува во Винковци на отслужување на воениот рок. Во војската секогаш ги заштитува послабите и угнетувани војници, па затоа бил почитуван од своите другари.

Во април 1943 година Димката Ангелов е избран за политички комесар на Штабот на Третата оперативна зона, кој во исто време беше и штаб на партизанскиот одред ,,Добри Даскалов”. Како политички комесар на зоната, Димката присуствува и го координира формирањето на гевгелискиот партизански одред ,,Сава Михајлов” во падините на планината Кожуф. Како борец Димката се одликува со неизмерна храброст и решителност, а кога било најпотребно знаел да ги мотивира послабите.

На 10 Јуни, во 1943 година, иако тешко болен во придружба на своите соборци Ило Виларов-Сокол, Јован Радњански- Планински, Пано Мударов-Фрањо и активистот од село Галиште Стојан Крстев, се упатуваат кон логорот на одредот во месноста „Вишешница“. На патот кон логорот на месноста „Торкови Лаки“, групата наидува на непријателска заседа организирана од страна на бугарскиот фашистички окупатор. И покрај тоа што партизанската група се најде во безизлезна состојба, Димката до крај остана доследен на своите убедувања да не потклекне пред тешкотиите. Ја прифаќа борбата иако е тешко ранет од првиот плотун на непријателските куршуми.
Загина на 10 јуни 1943 година заедно со Ило Виларов, Пано Мударов и Стојан Крстев.“