(Видео) Крмов: Ќе го блокираме секој закон од бенефит на урбаната мафија

Прес конференција на пратеникот Борислав Крмов, во врска со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка.


„Пратениците на Левица поднесоа вкупно 1230 амандмани на предлог-измените на Законот за урбанистичко планирање, кој што е многу контроверзен закон. Имено, само до пред година дена беше донесен нов Закон за урбанистичко планирање и сега одеднаш се јави нова потреба за измени, што е многу сомнително.

Најголем дел од стручната јавност се сомнева дека тука се работи за олеснета легализација за парцелата кај “Холидеј Ин”, кадешто главниот проблем е усогласување на ДУП со ГУП, т.е. Деталниот урбанистички план со Главниот урбанистички план и меѓу другото, еден од најбитните работи во овој закон е Членот 35 којшто е изменет и сега дозволува тие два планови да не се усогласени, каде што претходно не беше случај.

Понатаму, имате олеснат начин земјоделско земјиште да се пренаменува во градежно земјиште и сето тоа кога ќе се земе, ние имаме уште еден закон кој што оди на бенефит на урбаната мафија, донесен во скратена постапка. Целиот закон е 46 страници, а тие го носат во скратена постапка со објасување дека не се работи за сложен или за обемен закон. Нема поголема небулоза.
Поради тоа Левица поднесе 1230 амандмани, со кои што тој закон е ефективно блокиран и ние уште сега обзнануваме дека секој закон кој што ќе иде на бенефит на урбаната мафија ќе биде стопиран.

Само во последните две децении 145 пати се изменувани законите кои што имаат некаква врска со урбанизам и секогаш во штета на граѓаните и на бенефит на урбаната мафија.”