Левица: Директорката на кичевската гимназија со притисоци и закани за да ја спроведе волјата на министерката

Од локалниот огранок Левица – Кичево, реагираа до јавноста по пристигнати поплаки од страна на вработени во кичевската гимназија „Мирко Милески“. Според информациите на партијата, директорката Милка Спасеска со цел да го спречи бојкотот на настава организиран против исфрлањето на печатените учебници од употреба, истата вршела брутален притисок врз класните раководители за да им ја наметне својата, т.е волјата на ресорната министерка Мила Царовска.


„До Левица деновиве стигнуваат бројни поплаки за притисоци, закани и уцени упатени кон вработените од страна на директорката на гимназијата „Мирко Милески“ во Кичево, Милка Спасеска.

Според наводите, со цел да го спречи бојкотот на настава што го организираат голема група родители, за да го искажат револтот поради најавата за исфрлање на печатените учебници од употреба, директорката Спасеска се обидувала преку вршење брутален притисок врз класните раководители да им ја наметне својата, т.е волјата на ресорната министерка Мила Царовска.

Кон вработените биле упатувани навреди дека се неспособни класни раководители и дека ќе им го одземе класното раководство ако не го спречат бојкотот на настава, како и закани дека ќе ги прераспредели во друго училиште. Како што наведуваат револтираните наставници и родители, таа дури и се повикувала и на авторитетот на сопругот, инаку вработен во службата за државна безбедност и контраразузнавање.

Партиските назначувања на директори мора да пропаднат длабоко во калта на едно несовесно и недоветно практикување власт! Недозволиво е и незамисливо за општество кое има полна уста демократски и европски вредности да толерира вакво шерифско однесување!

Можеби ако „големата реформаторка“ Царовска, којашто си мисли дека раководењето со секторот од најголема важност за иднината на општеството е налик на играње видео игричка, ги почнеше реформите и дигитализацијата во овој сектор така што би притиснала DELETE за ваквите директори, место за печатените учебници – ќе направеше нешто добро за образованието.

Левица најостро ги осудува ваквите испади и потенцира дека департизацијата на образованието е една од нејзините основни програмски заложби.” – се наведува во реакцијата на Локалниот огранок Левица – Кичево.

ДИРЕКТОРКАТА НА КИЧЕВСКАТА ГИМНАЗИЈА СО ПРИТИСОЦИ И ЗАКАНИ КОН КЛАСНИТЕ РАКОВОДИТЕЛИ СО ЦЕЛ ДА ЈА СПРОВЕДЕ ВОЛЈАТА НА…

Posted by Левица – Кичево on Friday, 7 May 2021