Емил Ниами за хипокризијата за Денот на македонскиот јазик


Емил Ниами
Доктор на филолошки науки (славист)

Откако официјално 5 мај беше прогласен за Ден на македонскиот јазик, за мене тоа е мачен, тажен, горчлив празник. И не, нема да зборувам за непочитувањето од страна на луѓето, не се виновни тие. Сакам во неколку точки да ви објаснам каде е хипокризијата и зошто е овој ден тежок и мачен.

1. Македонскиот јазик во образованието е сведен, ко мај, на изборен предмет на кој не му се придава некакво особено значење. Сите го зборуваат од раѓање, нели? Малкумина наставници зборуваат литературно. Прошетајте низ кое било училиште, факултет, и ќе видите дека оние што ги образуваат децата зборуваат на дијалект, сеедно дали е скопски, битолски, струмички, охридски, штипски… Одамна зборуваме дека децата треба да ни се описменат пред сè на својот мајчин јазик, дека треба да се создаде наставен кадар со строги критериуми, но не, се нема слух за тоа. Во образованието ни работат полуписмени и неписмени кадри (секоја чест на исклучоците). Дали ви се верува дека на училишна табла наставник има напишано „ПариС“? И, не, не мислел на Парис Хилтон, ами на Париз, главниот град на Франција. Е, дотаму ни е стасано образованието.

2. Медиумите! Ах, тие медиуми. Многумина поранешни колеги не сакаат да слушнат за подобрување на своите јазични вештини, на усовршување на македонскиот јазик. Себеси се доживуваат како богови и се оправдуваат со тезата „најважно е дека ме разбрале“. Некој ве разбрал, но јас не сум ве разбрал. Шокантни се случките кога на една поранешна колешка ѝ сугерирав дека не се вели „репрезентативниот состав“, ами „репрезентацискиот“, а таа ме погледна попреку и ми рече дека било исто. Уште пострашно е што не се знаат основни работи од општа култура. Пребарајте по македонскојазичниот Интернет и ќе ве „удри фрас“ кога ќе видите дека, на пример, Кремљ е Кремлин. Една моја колешка дури и не веруваше дека такво нешто е можно, сè дури не ја означив на еден пост од еден медиум. Примери има милион, ама не е поентата во тоа. Медиумите се еден од главните извори на описменувањето на луѓето, тие треба да го користат стандардниот јазик, но не, новинарските „пера“ се посилни од нормата.

3. Сè помалку студенти го изучуваат македонскиот јазик како специјалност на факултетите. И тоа е сосема оправдано, нема каде да работа. Всушност има каде да работат, па дури постои и дефицит од кадар, ама никому не му текнува дека треба да вработи лектор. И нема тука да ги обвинувам само медиумите, ами пред сè владините и државните институции. Понекаде ќе видите некој лектор, но тие не ги задоволуваат потребите. Државните и јавните институции пишуваат соопштенија, текстови, говори без тие да поминат на лектура. На крајот излегува дека сè што ќе прочитаме или што ќе слушнеме е норма. Тоа влегува во јазичниот корпус на говорителите и тие сметаат дека така е правилно, оти го виделе или го чуле од места во кои имаат доверба.

4. Закон за употреба на македонскиот јазик. Уште една горлива тема. Едноставно тој не функционира. Постои на хартија, но не се почитува. Кон крајот на 2019 година имаше обид да се донесе нов, но тој не беше донесен поради бројните забелешки на стручната расправа. И така сè отиде по ѓаволите.

5. Македонистиката како научна дисциплина е во бездна. Со години се зборува дека е потребно подмладување со нов научен кадар. За жал младите стручњаци веќе остареа. Дел од нив продолжуваат да се занимаваат со науката, но се сиромашни, а дел кренаа раце, па се пренасочија кон области со кои ќе можат да се прехранат. Да не зборуваме и за срамовите што странските македонисти повеќе се занимаат со македонскиот јазик од нашите. Лекторатите во странство, кои на времето беа гордост на македонистиката, сега се десеткувани, без основни средства за работа, а лекторите одвај преживуваат со трошките од платата што им се дава.

Има уште многу, многу работи да е пишуваат и да се кажат за македонскиот јазик и неговата современа состојба, ама дури и само овие пет точки можат да ви дадат јасна слика за тоа во каква мизерна состојба се наоѓа нашиот мајчин јазик. Затоа не славете го денов, ами жалете го јазикот, онака како што тоа се прави на Велипеток, денот на Христовото распнување.

Откако официјално 5 мај беше прогласен за Ден на македонскиот јазик, за мене тоа е мачен, тажен, горчлив празник. И не,…

Posted by Емил Ниами on Wednesday, May 5, 2021