Левица: Сомнителна распределба на средствата за субвенционирање на клими и велосипеди во Прилеп

Во целост ја пренесуваме реакцијата на Левица – ЛО Прилеп

Не стивнуваат реакциите на граѓаните за малверзацијата која им ја приреди Општина Прилеп со петте милиони денари субвенција, односно надомест на дел од трошоци за инвертер клими и велосипеди.

Според нашите информации, целиот процес бил наместен за блиски луѓе, роднини и пријатели на власта во Прилеп, па и за мал дел членови на СДСМ уште и пред да почне. Сомнежите се дека се работело плански и организирано во неколку фази:

  • На десетина дена пред самиот старт, се правеле списоци на блиски луѓе што биле заинтересирани за оваа мерка;
  • Една недела пред почетокот биле упатени до неколку претходно договорени за процент локални продавници, каде требало да остават контакт информации – Име, Презиме и телефонски број. Тука биле забележани од случајни минувачи како чекале во редици;
  • Во меѓувреме ги подготвувале и останатите документи како имотен лист и слично;
  • Утрото, на самиот почеток, си ги подигнале фискалните сметки, со што биле во голема предност пред сите други кои законски ја следеле процедурата, со што ако е сето ова вистина станува збор за ОШТЕТЕНИ ГРАЃАНИ!

Поради небулозното правило “прв пријавен-прв услужен”, а без притоа да се води контрола со редоследни броеви, се создаде и дополнително незадоволство од предвремениот прекин на повикот, со изговор дека бројот на пријавени е постигнат. Останатите граѓани, кои се изложиле на трошок, единствено поради мерката која долго ја очекувале и се’ уште имале рок на пријава, според првичниот повик на општината, останале извисени.

Прилепчани се сомневаат дека дел од добитниците на субвенции, климите и велосипедите – сите се купени во само еден, до два часа по отворањето на тие неколку продавници во истиот ден на старт на повикот, што е физички невозможно да се купат 300-400 клими и велосипеди во еден час од 2-3 продавници.

Локалниот огранок Левица – Прилеп поднесе барање за увид на целата документација до Општина Прилеп.


СОМНИТЕЛНА РАСПРЕДЕЛБА НА СРЕДСТВАТА ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА КЛИМИ И ВЕЛОСИПЕДИ Не стивнуваат реакциите на граѓаните за…

Posted by Левица – Прилеп on Monday, April 19, 2021