САД со неплатен долг од над една милијарда долари кон ООН

„САД мора да го платат долгот кон Обединетите Нации“ е насловот на статијата во „Foreign Policy “, чиј автори се поранешните амбасадори на САД во ООН: Медлин Олбрајт, Џон Негропонте и Томас Пикеринг, кои заеднички ги повикаа САД да ги расчистат своите заостанати долгови од над 1 милијарда долари кон ООН.

На 29 март, авторите во стручниот блог посочија дека и покрај брзоплетиот потег на администрацијата на Бајден за повторно приклучување кон Светската здравствена организација и Парискиот климатски договор, од кои претходно се повлече администрацијата на Трамп, таксите што ги должат САД кон буџетот на ООН сè уште не се исплаќаат, долгот заостанува четири години и вкупно надминува над една милијарда долари.

Стручниот блог ја оценува борбата на САД за плаќање на својот долг кон ООН. Во написот се наведува дека САД во 1999 година бил во опасност да го загуби правото да гласа  во Генералното собрание на ООН  поради „неплаќање“. Во 2009 година, во периодот на  последователниот шок од финансиската криза, администрацијата на Обама се согласи на исплата на сите заостанати долгови на САД по двопартиската дебата во Конгресот.

Праксата за неплаќање на долговите кон ООН негативно се одразува за држави како Индија, Пакистан, Етиопија и други, кои имаат воен персонал на бројни мировни мисии на организацијата. Заради оваа причина, тие често се принудени сами да ги надоместуваат трошоците за мировниот персонал и опрема. Во одредени периоди, овие земји беа принудени да покријат недостиг од десетици милиони долари. 

Од одборот на кампањата за „подобра светска организација“, организација која работи на зајакнување на односите меѓу САД и ООН соопштија дека освен долгот од милијарди долари, кој се однесува на буџетот за мировни мисии што САД го должи на ООН, земјата исто така не успеа да испорача повеќе од 630 милиони долари заостанати плаќања до основниот буџет на ООН, а нејзините заостанати долгови до Светската здравствена организација изнесуваат 203 милиони долари.

Амбасадорот на САД во ООН, Линда Томас-Гринфилд, на својот Твитер профил  напиша: „Еднаш го кажав ова и, ќе го кажам уште еднаш: Треба да ги платиме сметките за да имаме место на масата“.

Во членот 19 од Повелбата на Обединетите нации се вели дека: „земја-членка што доцни со плаќањето на своите придонеси еднакво или повеќе од придонесите што се должат за претходните две години, може да го изгуби правото на глас во Генералното собрание“.