Почина шпанскиот поет и лауреат на СВП Хусто Хорхе Падрон – човекот што се вика Македонија

Вчера почина големиот шпански поет Хусто Хорхе Падрон, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 1990 година. Веста на Фејсбук ја соопшти неговата сопруга која е Македонка, Клеопатра Филипова.

Македонија изгуби искрен пријател кој земјава ја сакаше исто колку и Шпанија.


ЈАС СУМ ЧОВЕКОТ ШТО ТЕ ЉУБИ

Јас сум човекот што те љуби, Македонијо!
Не се родив во земјава твоја со златни ливади
кајшто тополите треперат како класје
и чучулигата каде го напушта на ветрот
својот жален пој. Те избрав јас тебе меѓу сите
зборој, зашто си најсакана ти,
за возбудата што ми ја всадуваш во крвта мене,
за твојата растреперена душа, за вистината твоја, за пламенот твој.

Тајна една верба има што тагата ја пишува.
Од кај ли иде не знам, но воздухот секојдневно ја носи
со воздишката на споменот мој,
ја втренчува, заколнува пред законот на честа моја.
Се раѓаат во мене реките твои, посевите твои ми растат
со зелена преданост, низ вените мои го слушам јас
шепотот на водата од езерата и изворите твои
што ми кажуваат за твојата вековна тага,
оставајќи ги во мојот прелеан спомен
светлите подвизи и болката на историјата твоја.

Постојано во градиве мои морето, морето што ти го грабнаа тебе,
кревајќи се со своите намачени бранови,
течејќи со лулеењето свое во блесоци од пена
заробена. Ме боли плачот
на твоето угнетено време кога душманите
го изневерија твојот благороден прием,
ти го урнаа мирот и складноста твоја
и ги убија твоите синови храбри.

Како да ти ја искажам јас, татковино на копнежите мои,
сласнава и измачувачка љубов што ми ја влеваш
со меланхолијата што продира во утробата моја.
Јас во тебе живеам, љубено чувство,
како вода излеана за да ги бакнам камењата твои,
верба и сила да всадам во корените твои,
за да ја извишам на крошните од дрвјата
песнава моја што е песна твоја и на ветрот
да му го препуштам солидарниот мирис на поемата
и овој љубовен пакт со надежта твоја.

Македонијо, ти се колнам, таму кајшто ќе живеам јас
зборот твој ќе биде како копнежна музика
што срцето го довикува на оние кои не те знаат
и те презираат тебе. И кога ќе пристигне денот
кога гласот мој ќе згасне, тогаш Македонијо,
ти се колнам јас гласно во сите наши сништа
дека пак ќе се родам среде изворите твои.

Ќе дојдам од облаците што зората ја будат,
ќе слезам со дождот, ќе никнам од калта,
ќе горам од нетрпение јас со убавина и љубов
за да стигнам до тебе и да се престорам јас
во дел од светлината твоја, од зборот твој,
за повторно да бидам страста твоја,
човекот што се вика Македонија.

Хорхе Хусто Падрон

(превод од шпански Клеопатра Филипова)