Обраќање на амбасадорот Сергеј Баздникин по повод 60 години од првиот лет во вселената

Почитувани дами и господа, драги пријатели,

На 12 април 1961 година, легендарниот космонаут Јуриј Алексеевич Гагарин со вселенскиот брод „Восток-1“ ја надлетал Земјата околу нејзината орбита за 108 минути. Половина век подоцна, на 7 април 2011 година, на иницијатива на Русија, на специјален состанок на Генералното собрание на Обединетите нации, беше усвоена резолуција, која го прогласи 12 април за Меѓународен ден на летот на човекот во вселената.

Денес славиме значајна годишнина – првото полетување на човекот во вселената, што претставува големо достигнување кое продолжува да нѐ исполнува со вистинска радост и гордост.

За самиот Јуриј Гагарин, тоа беше чекор кон непознатото, што стана невиден подвиг, кој засекогаш се запише во историјата. На ова е посветен рускиот документарен филм „Sвезда, која се вика „Гагарин“, кој ги реконструира настаните од пред шеесет години и претходната подготовка. Филмот ќе биде прикажан во најблиско време на ТВ Сител – препорачувам да го гледате.

Јуриј Алексеевич Гагарин

За жал, не сите летови во вселената се завршија толку успешно. Го чуваме споменот на осумнаесетте космонаути кои загинаа во текот на нивната мисија. Тажната листа се отвора со името на нашиот сонародник Владимир Михаилович Комаров, чиј живот трагично беше скратен на 24 април 1967 година, додека слетуваше на Земјата. Драго ни е што неодамна беше донесена одлука дека една од скопските улици ќе го врати своето поранешно име – Владимир Комаров.

Летот на Јуриј Гагарин го означи почетокот на ерата на освојување на вселената – предизвик во кој нашата земја стана прва во многу аспекти: лансирање на првиот вештачки сателит на Земјата, првата жена-космонаут, првата вселенска прошетка, првата пилотирана орбитална станица… Патем, благодарение на космонаутиката рускиот збор „спутник“, што значи сателит, зазвучи низ целиот свет. Звучи и денес – во 2020 година, името „Спутник V“ ѝ беше дадено на руската вакцина против коронавирус, која е прва официјално регистрирана во светот.

Од 1961 година, 124 наши космонаути учествувале во вселенски летови. Минатата година, Русија изврши 15 лансирања во вселената – сите се успешни. Пред само три дена, на 9 април, започна 65-тата долгорочна експедиција до Меѓународната вселенска станица – екипажот е составен од 2 руски, 3 американски, 1 јапонски и 1 француски космонаути. На 17 април, ќе заврши 64-тата експедиција, која започна во октомври минатата година, составена од 4 претставници од Русија, 5 од САД и 1 од Јапонија.

Оваа година државната корпорација „Роскосмос“ започнува програма за истражување на Месечината и длабоката вселена и планира да го повтори лансирањето на ракетата „Ангара А-5“. Научно производствено здружение „Молнија“, што го создаде советското летало „Буран“, развива нов цивилен комплекс за повеќекратна употреба со орбитален авион. Минатиот месец беше потпишан меморандум за разбирање меѓу Владите на Русија и Кина, со кој се предвидува соработка во создавањето на Меѓународна научна станица на Месечина. Подготвени сме да учествуваме во мисии во рамките на меѓународната соработка за истражување на Марс, Венера, Меркур и Сонце.

Приоритетно внимание во Русија се посветува на истражување, освојување и користење на вселенскиот простор – сепак, не само за спроведување на вселенски проекти, туку и за развој на науката, како и широк спектар на сектори на економијата – од врските и масовните комуникации до земјоделството. Отворени сме за соработка со странски партнери – вклучувајќи ја, се разбира, Северна Македонија – во практична примена на вселенските технологии во области од заеднички интерес.

Доследно ја браниме нашата позиција во врска со прашањата за обезбедување на безбедност на вселенските активности. Убедени сме дека вселената треба да се користи исклучиво за мирни цели. Ѝ предлагаме на меѓународната заедница соодветна правна основа – составен од страна на Русија и Кина нацрт-договорот за спречување на распоредување на оружјето во вселената, употреба на сила или закана со сила против вселенските објекти.

Традиционално, по повод Денот на космонаутиката, Руската амбасада во Скопје организира голем број настани. Во сегашната состојба на пандемијата, од очигледни причини не е возможно целосно да се спроведат. Сепак, денес – во согласност со сите епидемиолошките мерки – ќе се одржи положување на цвеќе кон спомениците на Јуриј Гагарин во Скопје и Струмица. Им сме благодарни на градоначалниците на Општини Карпош и Струмица, г-н Богоев и г-н Јаневски, за нивното учество. Исто така, ве покануваме да се запознаете со изложбата на уникатни архивски фотографии по повод на значајната годишнина, што е објавена на Фејсбук страницата на Амбасадата

Ви го честитам денешниот голем празник. На вас и вашите најблиски им посакувам добро здравје и сѐ најдобро.

Извор: https://macedonia.mid.ru/