Македонска политика во судбоносниот април 2021 г.

Пишува: Амар Мециновиќ – дипломиран политиколог.


На почетокот на април од 2021 г. во Република Македонија се забележуваат две паралелни сценарија. Едното, на штотуку откажан попис со кој требаше да се обележи јавниот дискурс за овој месец, и второто кое го услови откажувањето на пописот, и е темата која навистина го обележува овој месец – а тоа е црното сценарио на третиот бран на пандемијата од коронавирусот во Македонија. Во четвртиот месец од оваа година, кога веќе се зацементира срамот на некадарноста на Владата за обезбедување на капацитети за имунизација, прикладно – жртвата од оваа народноубиствена политичка консталација ја сноси народот на земјата, овој пат во броеви кои означуваат згаснати животи.

За момент, вон сите крвопролевачки потфати на оваа влада, да ги погледнеме сировите бројки на луѓето кои катадневно го испуштаат својот последен здив во напор за ново вдишување кое нема да го дочекаат, право кое институциите на јавното здравство и политички систем им го имаат ускратено. Вистинската претстава за голготата на нашиот народ се прикрива со погрешни методолошки прикази. Параметрите на бројките кои нѐ ставаат во првите десет земји во Европа по смртни случаи на милион жители, очигледно не ја илустрираат сериозноста на тоа што се случува.

Овој 20-ти јануари, Велика Британија го доживеа својот најцрн ден во кој починаа 1820 луѓе, четири пати повеќе од она поради кое светот застана – минатогодишната мартовска голгота во Италија. Британската влада, уште на 5-ти јануари, очекувајќи ги овие бројки, воведе мерки кои беа блиску до оние на најригорозниот „локдаун“ од пролеттта минатата година. Населението во Велика Британија брои околу 66 милиони жители, што бројката од 1820 смртни случаи во еден ден процентуално ја изразува како 0.0025% од населението – за илустрација, повторувам, сценарио за кое британската влада презема мерки со кои го дочека овој пик без да се остави можност тој да расте. Оваа целина на постапки и бројки е складна со тоа што ни се случува нам. Во Македонија, пред неколку дена, починаа 50 луѓе во еден ден, што во сооднос со нашето население претставува процентуален износ од 0.0025%. Ова се вистинските процентуални бројки кои треба да се прикажат низ медиумите, но во отсуство на водство и чесност на сите нивоа во колективниот апарат, така и медиумската поспаност е резултат на смртоносната пасивност на власта во поглед на пандемијата.

Но, сличностите помеѓу двете паралели завршуваат тука – во сировоста на бројките. Ваквата состојба Велика Британија ја дочека со мерки кои беа донесени 15 дена пред да се случи овој црн ден, во согласност со очекувањата на епидемолошката слика на општеството, додека Македонија своите „неконкретни“ мерки ги донесе 2 дена ОТКАКО го доживеавме најцрното сценарио. Ваквото постапување на нашите надлежни органи отсликува две вистини: ако европските држави во последната година се прилагодуваат кон кривите на заразување благовремено, тоа укажува дека и нашите одговорни институции можат да ја испроектираат ситуацијата во временска рамка од барем две недели. Понатаму, ако нашите надлежни државни органи знаат дека пред нас претстои период во кој ќе се постигне процент на смртност од 0.0025% дневно, тогаш треба да се земат во предвид одлуките кои тие ги носат во тој двонеделен временски обем.

На 15 дена пред 2-ри април, во Македонија по сите разгласи, владеечката гарнитура, партија, сите политички актери поистоветени со владеечката партија, како и севкупната лажна опозиција на ДПМНЕ – потполно свесни за тоа што допрва ќе се случи со животите кои чекаат да згаснат, агресивно и проактивно делуваа во насока на одржување на пописот; притоа, ослободени од одговорноста на своите мандати, во полна пареа кон безусловно остварување на своите политички агенди.

Несвесни сега, но под будното око на историјата, Македонија во овој момент поминува низ својата најголема политичка и општествена трагедија. За суштинско разбирање на овој историски чин на злосторство против својот народ, потребно е да согледаме две работи. Историјата на човештвото е проткаена со епидемии и пандемии кои земаат човечки животи, тие пак секогаш се решаваат во согласност со степенот на развој на општеството. Претходната глобална пандемија, онаа на „шпанскиот“ грип, ја погоди Европа за време на големата војна. На временска дистанца од сто години, очигледна е несовесноста на овие политички ентитети кои во својата крволочност дозволиле болеста да го победи животот. Но, Големата војна во својот епилог го содржи крајот на четири империи, како и на начинот на живот кој веќе не може да постои.

Но, во што се состои несовесноста на институциите на Република Македонија при пандемијата на коронавирусот? Во име на која војна нашите структури така лесно дозволуваат луѓе да умираат? Во канџите на империите од минатото, под велот на нивните историски мотиви се наоѓа обликот на истото безживотно тело кое денес го прикрива нов, патетичен вел на ситните мотиви на овие наши структури. Во оваа стогодишна паралела, се наоѓа истиот одговор за епилогот на ваквата политичка реалност – онаа на политички структури со поминат рок, кои во својата истрошена форма можат само вака да дејствуваат, интроектирано, во заштита на постоечките општествени односи без способност да генерираат проактивни одлуки и постапки. Ова ја означува целината на првиот аспект на нашата трагедија. Ние се соочуваме со пандемија во склоп на политички систем кој повеќе не може да го оправда своето постоење и неминовно резултира со најнепосредните последици, со смрт!

Вториот елемент е приказот на пирамидалната поставеност на ова гнила структура, за која ни смртта не е повик за интегритет и достоинство. На чело на оваа ламја од минатото, стои политичката партија во обликот на својата крајна метаморфоза – разобличена  партија, која во културниот шок на општественото преуредување во 90-те, успева да го излаже македонското гласачко тело за својот социјалдемократски карактер, па се до својата последна етапа – како идеолошки ослободен конгломерат на општествени лешинари. Покрај неминовната дезинтеграција на СДС, која за последен пат е на чело на влада на Македонија, уште поевидентна е паралелата помеѓу социјалдемократскиот циркус и нивната лажна спротивност – ДПМНЕ. Во досегашната работа на оваа квислиншка влада, во сиот свој анти-национален карактер, присутна е и безусловната поддршка од ДПМНЕ – чие учество во промената на името е забележено и документирано.

Очевидно, карактерот на „македонскиот“ блок партии претставува ригиден политички чадор на интересни групи на крупните капиталисти и водечки учесниците во корупцијата – улогата на постоењето на овие две партии е одржувањето и продлабочувањето на корупцијата. Спротивно, „албанскиот“ блок партии, кој покрај привидот за хомогенизиран идеолошки апарат, е секако далеку од таков. Како илустрација, водечката албанска партија ДУИ во свето политичко јадро предвидува некакво унитарно политичко тело чија цел е интеграција на албанското население во македонското општество и национален идентитет, во духот на Рамковниот договор. Но, многу откако оправданоста за ваков интегративен апарат е истрошена во однос на вистинскиот степен на интеграција на албанското население кое одамна е на оптимално ниво, ДУИ, па така и другите албански актери генерираат услови за вештачко опстојување на оваа нивна политичка улога. Ова синтетизира политички партии кои се ослободени од идеолошка оска, потполно реакционерни на било какви прогресивни политики. Во крајност, оправдувањето за нивното постоење е затекнатата регресивна политичка состојба, додека прогресивноста пак е закана по самата цел на нивното постоење.

Сума сумарум, на нашата политичка кула од карти е токму овој исход. Во тој двонеделен период за кој заклучивме дека постои капацитет да се предвиди епидемолошката крива, сите овие актери ревносно работеа кон одржување на пописот. Само неколку дена пред втори април, со сите расположливи средства се оправдуваше попис чиј исход им беше познат. Исход на армагедон за сиромашниот македонски граѓанин. Година дена не беше пронајден одговор за самоволието на приватните клиники и во отсуство на механизам за заштита на населението – тие ја потпишаа смртната казна за ризичните групи кои не можат да се лекуваат во екслузивните клиники, а ниту пак во јавните инстутиции со чии капацитети управува непријателското Министерство за здравство. Цената на лажиран и нелегитимен попис кој ќе го продолжи македонското „статус кво“, која изнесува толку колку што животи ѝ се додаваат секојдневно, тие беа спремни да ја подмират на овој начин. Спречувањето на помор и лажен попис е потполна заслуга на Левица, чија улога ја минимизира ДПМНЕ, партија која до последен момент го оправдуваше спроведувањето на пописот со бизарни предлози за вакцинирање на попишувачите, а дури потоа, во синхронизација со СДС, постапија заедно кога беше неизбежен политичкиот дебакл. ДПМНЕ, својата херојска улога ја маскира преку ставовите на своето гласачко тело, додека во практична смисла, во процесот учествуваше како апологет на наративот за нужност од попис во овие услови.

Крајниот заклучок е дека, во оваа „македонско“ – „албанска“ политичка дихотомија, се наоѓаат идеолошки недиференцирани регресивни ентитети, кои вопшто не се проактивни, но, чии капацитети престануваат со краткорочната заштита на постоечиот политички еквилибриум. Политологијата познава одговор за тоа како една држава, во услови на пандемија, во 21-от век, може да биде безгрижна кон болните и незаштитнички поставена кон оние кои се здрави, како и оние кои не смеат да се разболат. Секогаш одговорот се состои во политичката култура и државниот апарат кој не може да се саморегулира, а ниту пак да се корегира, па бара револуционерен одговор од населението – движење за потполна редефиниција на националниот карактер. Неопходно е укинувањето на тековните касти и фели во новото преуредено општество – со нова култролошка хегемонија, преку која ќе бидат воспитани генерации со нови идеали и ќе биде овозможен достоиствен животен пат на истите генерациите – жртви на претходниот поредок. 

Новото општество кај нас нема потреба да се конципира на нови темели и идеи, ние имаме континуитет на држава победник во Втората светска војна, на Република која во склоп на федеративна единица учествува во формирањето на Обединетите нации, држава која е политички киднапирана – но опстои низ идеалите на кои е втемелена. Идеали чиј жив споменик е македонскиот народ, како и сите народи на Јужните Словени кои во очите на истребувањето засекогаш го втемелиле својот победнички карактер. Народи низ кои живее духот на Спартак, херојот на поробените – херојот на оние кои не дозволуваат да бидат робови!