Доколку не биде донесен нов закон за попис, Левица продолжува со кампањата „Не Отворам Врата”

Политичката партија Левица денес испрати соопштение до јавноста за нивниот став околу пописот во кое ја известуваат јавноста дека, има индиции за „одложувањето“ на донесувањето на нов Закон за попис, дека е намерно издејствувано и договорено, за да може кампањата на нелигитимниот попис сепак да започне.

Според партијата, скандалозната изјава на министерот за правда, Бојан Маричиќ, дека добиените податоци ќе бидат внесени во пописот во октомври, навестува дека владејачката коалиција се обидува да ги спречи сите обиди за усвојување нов закон и методологија и реализирање на пописен фалсификат.

„Фактот дека на лидерската средба беше одлучено да продолжи пописот во дијаспората, што патем е еден преседан во европската практика, јасно покажува дека обидот за фалсификат е само пролонгиран!“, се вели во соопштението.

Тие имаат силни сомнежи дека во наредните неколку дена власта, ќе врши тивко попишување, со цел да се одолговлекува процесот на одложувањето на Законот за попис, колку што е можно подолго.

Иако пописот изминатиов период беше целосно делигитимиран, очигледно е дека власта е спремна насилнички и противзаконски да го спроведе, велат од Левица, а според нив на тоа укажуваат неколку факти:

„Македонија е единствена земја каде се попишува дијаспора;
Единствената земја каде граѓани ќе се попишуваат само со давање на ЕМБГ;
Единствената земја каде трети лица можат да даваат лични податоци кои се заштитени со меѓународни конвенции;
Единствената земја каде во законот за попис јасно не се дефинирани документите за индетификација;
Единствена земја каде на една партија (ДУИ) со само 15 пратеници во Собранието и е дадено моќ на ВЕТО;
И на крај, единствена земја каде, членови на Владата, на државна сметка лобираат по други држави за попишувањето само на една етничка заедница!“

Од партијата Левица го повикуваат народот да пружи пасивен отпор и од денес да им каже големо НЕ на насилничките власти, доколку се дрзнат да го започнат пописот без донесување на нов Закон за попис по сите меѓународни стандарди и со консензус од сите парламентарни партии!

Во спротивно велат тие – сите заедно сплотени НЕ ОТВОРАМЕ ВРАТА на фингиран попис!