Апасиев до Заев: Приватните болници не примаат додека не приложиш 15.000 евра – дали ќе воведите регулирани цени?

Пратеникот Димитар Апасиев денеска на седницата за пратенички прашања се обрати до премиерот Заев да интервенира и да ги намали цените за лекување од Ковид во приватното здравство и да се намалат екстрапрофитите на приватните болници.


„Не ли сметате, како човек, дека попис во време на пандемија е нарушување на јавното здравје, односно, дали размислувате да го одложиме пописот како држава, за период од една година, како што тоа го сторија други земји? Имено, веќе десетина земји го одложија пописот, тоа се Германија, Шкотска, Ирска, Романија, целото наше соседство, Хрватска, Бугарија, Косово, Србија, коишто патем имаат подобра епидемиолошка слика од нашата, бидејќи сме во последните пет земји по вакцинација, а во првите пет во смртност.

Второто прашање е поврзано со здравствената криза:Имено се однесува на еден неолибералистички тренд, а тоа е – здравјето да се претвори во бизнис. Јас знам дека вие сте бизнисмен и логицирате од аспект на профит. Меѓутоа, мислам дека ние како социјална држава не смееме да ги делиме граѓаните од аспект на нивната куповна моќ. Имено, според сегашниот воспоставен систем, сиромашните во нашата држава едноставно се оставени буквално да умрат, додека богатите им плаќаат на приватните болници износи, кои се неверојатни за нашиот стандард. Имено, во приватните болници, без оглед на вашата клиничка слика, надвор од сите хумани начела, не ве примаат, имаме ситуации буквално на луѓе кои земаат воздух во колите на паркингот, додека нивните роднини не приложат 15 илјади евра, за да бидат примени во приватните болници!

2.300 евра по ден е лекувањето за плата 300-400 евра, тоа е невозможно луѓето да си го дозволат. И има еден вид на класна дискриминација, затоа што на обичните луѓе, тие здравствени услуги им се недостапни.Е сега би логицирал од аспект на тоа што вие помпезно го најавивте, т.е. Министерот Филипче, меѓутоа не се реализира, проектот за Мала Богородица, која требаше да биде во некој облик на некое јавно – приватно партнерство. Според информациите, вие тогаш договоривте сума по 100 евра на ден, односно Владата да плаќа сума по 100 евра на ден. Според законите кои ги наведов, дали тоа значи дека, во тој случај Владата партиципира со 1/3 од цената.

Дали тоа значи дека, реалниот трошок на приватните болници е 300 евра по ден, а тие наплаќаат 2.300 евра по ден?И дали, ако тоа го прават, вие како Влада, не чувствувате потреба да воведете систем на регулирани максимални цени?Прашањето е: Дали имате нијет да донесете една ваква одлука во корист на граѓаните?”

На прашањето на Апасиев, Заев реплицира дека  во приватните болници нема ништо подобро од тие во јавното здравство и дека не му е јасно што бараат граѓаните на приватно. Дополнително, Заев му се обрати на Апасиев дека за заканите „ќе висите заедно” може да одговара кривично. На ова Апасиев врати дека не се плаши од гонење и дека кога над 60.000 граѓани останале без работа, да се зборува дека условите се исти во приватни и јавни болници е срамота. „Во приватните болници нема буба шваби, а не сум слушнал исто така дека таму паѓаат фекалии”, – реплицираше Апасиев.