СКАНДАЛ: Бугарска компанија ја изработила веб страната за пописот?

Денес беше објавена информацијата дека веб страната за пописот census.stat.gov.mk била изработена од страна на бугарската компанија Scale Focus.  Ова е крајно скандалозно и дополнително го подрива легитимитетот на целиот процес околу Пописот кој упорно го форсира владеачката коалиција. 

Да се дозволи бугарска фирма да има пристап и контрола врз сензитивни лични податоци, е крајно проблематично и ги подгрева сомнежите за соучесништво на македонските политички елити со бугарскиот националистички и бизнис естаблишмент. Ова е особено скандалозно во контекст на континуираните агресивни напади од страна на Бугарија. Особено апсурдно е најмувањето со државни пари на бугарска фирма во поле како информациските технологии во кое постојат голем број на домашни фирми кои се успешни и реномирани на светско ниво. 

Да потсетиме дека во бугарските медиуми почнаа да се шират вести за шансата кои различни националистички струи во Бугарија ја гледаат во пописот за остварување на нивните агенди. Имено, тие предлагаат секој кој се попишал како „македонски Бугарин“, да може да добие бугарско државјанство по скратена постапка. 

Информација за веб страната е особено загрижуважчка имајќи во предвид дека се случува во контекст на насилнички протурканиот Закон за попис, кој содржи бројни контрадикции и нејаснотии кои лесно можат да се злоупотребат за постигнување на фингирани резултати.