Протестен марш за ослободување од режимските културни политики

Иницијативата „Култура или фискултура?“ која се формираше по незадоволството од  изборот на Васил Бубев за директор на НУ Културен центар „Антон Панов“во Струмица, најави протест. Досега се обидоа да ги издејствуваат своите барања преку преземање на разни активности, а се сретнаа и со министерката Ирена Стефоска, но без резултат. По најавата за едногласен прекин на дијалогот со министерката, со реакција го најавија и протестот кој ќе започне во среда 3-ти март пред МОБ, а во кој повторно повикуваат на ослободување од режимските културни политики и разрешување или оставка на директорот. Во продолжение ја пренесуваме и нивната реакција со која повикуваат на протест.


„Стратегијата за развој на културата 2018-2022 година беше најавувана како „Стратегија на ослободување од режимските културни политики на претходната власт“ преку инсталирање на нов модел кој ќе го анулира претходно воспоставениот модел на арбитрарна и клиентелистичка власт, која ја партизира културата, задушувајќи ја нејзината автономија и општествена важност. Мошне впечатлив и значаен момент во документот е ставот дека е неопходно ослободување од затвореноста, нестручноста и непрофесионалноста, од бирократијата и клиентелизмот, од манипулацијата и нетранспаретноста.

За жал, културата е далеку од „ослободена од заробеноста“ и принципите на Стратегијата изгледаат како хипокритична демагогија на парче хартија, затоа што во реалноста состојбите се дијаметрално спротивни и поразителни. Сѐ уште сме сведоци на партизација на институциите, каде што припадноста на партијата е повисок критериум за избор на раководно лице, член на управен одбор, па дури и обичен вработен, од критериумите на стручност, образование, искуство и компетентност кои произлегуваат од објективното расудување и се предвидени со Закон.

Сите ние, уметници и културни работници, кои ќе излеземе на овој протестен марш, имаме силна волја да помогнеме во доследно почитување на „вашите“ и „наши“ принципи, наведени во националната Стратегија и до вас како носители на политички одлуки имаме пет барања.

1. Разрешување или оставка на новоименуваниот директор на НУЦК „Антон Панов“ – Струмица, поставување на в. д. директор од редот на носителите на дејност и распишување на нов конкурс за избор на директор најдоцна во рок од шест месеци согласно Законот за култура.

2. Измени во членот 27 од новиот Предлог закон за остварување на јавниот интерес во културата и негово усвојување во најбрз можен рок. Измените во членот 27 се со цел заострување на критериумите за избор на директори и во таа насока бараме за неговото назначување да одлучува комисија која нема да биде составена само од членови кои доаѓаат од редот на вработените во Министерството за култура, туку во неа да учествуваат и надворешни, истакнати стручни лица со сериозен кредибилитет од дејноста за која се распишува конкурсот за раководното место. Изборот да се врши транспаретно, со видео и аудио снимка на интервјуата од кандидатите, нивно јавно презентирање, како и јавно објавување на програмите за работа на кандидатите, сѐ со цел да се отфрли сомнежот за манипулација при изборот и да се избегне криењето зад формално-правните процедури. Одлуката за избор на директор да ја носи комисијата согласно конкретно дефинирини критериуми и бодувања, со што нејзината улога нема да биде само едноставно утврдување на комплетноста на поднесените апликации, а со тоа ќе се намали и дискреционото право на Министерот да одлучува и да носи политички одлуки кои се навредливи за културата и целото општество.

3. Вештачење и јавна проверка на приложените документи за докажано работно искуство во областа на културата и конкретната дејност на сите актуелни и идни кандидати за раководните позиции во институциите од културата.

4. Вештачење на приложените сертификати и јавна проверка на познавањето на англиски јазик на сите актуелни и идни кандидати за раководните позиции во институциите од културата.

5. Јавно објавување на програмите со кои конкурирале сите актуелни раководители на институции, програмите на нивните против кандидати, како и јавно објавување на програмите на сите идни кандидати за раководните позиции во институциите од културата.