Крмов: Либерален спин е дека само десницата го третира националното прашање

Пратеникот на Левица – Борислав Крмов, во своето гостување на емисијата „Стадион” елаборираше за поврзаноста на левицата со националното прашање во дискусија со пратеникот на ГРОМ, Љупчо Пренџов. Целата емисија можете да ја проследите на овој линк.


Кој го удри темелот на оваа држава? Комунисти (тоа се левичари) го удрија темелот на оваа држава, а тоа е АСНОМ. Која е првата меѓународна организација што го призна македонскиот народ 1936 година? Тоа е Комунистичката интернационала. Левите партии отсекогаш се бавеле со националното.

Тоа е еден либерален спин, којшто ни се сервира од 91-ва досега, дека наводно само десничари се бавеле со националното. Има еден прекрасен говор на Че Гевара во ОН, кога тој го напаѓа американскиот империјализам и овој говор завршува со зборовите – ТАТКОВИНА или СМРТ. Нема поголем патриот од левиот патриот.

Во однос на албанските партии, Крмов потенцира дека истите единствено на избори одат со национал-шовинизам, без никаква економска програма и економски мерки.

„Сега беше Албанец-премиер, после ќе биде Албанец-претседател, па дводомен Парламент , па етничка полиција, па етничка војска. И на крај каде оди тоа? Оди кон поделба.

И во нашата програма стои укинување на Законот за јазици, кој го оспоривме пред Уставниот Суд. Ние немаме апсолутно ништо против обичниот албански народ, бидејќи е во слична состојба со обичниот македонски народ. Ова што се случува не го бара албанскиот народ, туку е масло на албанските партии. “

Алудирајќи на борците на НОБ – Ибе Паликуќа и Бајрам Шабани, Крмов додаде дека нема партија која има поголема почит од Левица кон борците од НОБ, без разлика на националноста. Тој дополна дека Левица е против етничка позитивна дискриминација и се залага за социјална позитивна дискриминација.

„Ние сме единствена партија што сакаме да воведеме социјална позитивна дискриминација – тоа значи, да се даде предност на детето на сиромашниот Албанец, на сиромашниот Ром, на сиромашниот Македонец, на сиромашниот Србин. “