Дали Пендаровски ќе реагира за “скопскиот” јазик во новата објавена книга во Бугарија?

Во Софија деновиве беше презентирана таканаречената „Бела книга за јазичниот спор меѓу Република Северна Македонија и Бугарија“ која треба да се преведе на неколку јазици и да се шири во светот за да ја засили бугарската пропаганда во однос на Македонија и да ги убеди земјите во Европа во вистинитоста на аргументите околу бугарскиот карактер на македонскиот јазик. 

„Белата книга“ за јазичниот спор  е напишана од тројца автори од Македонија, тројца од Бугарија и по еден од Албанија и Србија. Во неа наводно се открива „систематско уништување или фалсификување на бугарското културно историско наследство и кршење на човековите права во минатото и денес“, но не даваат конкретни примери. Книгата го следи историскиот развој на бугарскиот јазик, а особено внимание се посветува на појавата на современиот бугарски литературен јазик и улогата на бугарските преродбеници родени на територијата на денешна Република Северна Македонија. Прикажани се, како што се тврди, современите фалсификати засадени меѓу помладата генерација преку тековните учебници. Дадени се примери за уништување на бугарските културно-историски споменици.

Во книгата се пишува и за божемниот масовен карактер на репресиите при наметнувањето на овие фалсификати и се дадени документи на Министерството за внатрешни работи во Скопје, со кои се потврдува наводниот прогон на бугарскиот литературен јазик во денешно време.

„Бугарија не смее да отстапи од својот став во врска со пристапувањето на Македонија во Европската унија“, изјави Спас Ташев од Институтот за население и човечки студии при Бугарската академија на науките за News.bg по презентацијата на „Белата книга“. Ташев смета дека со активна дипломатија Бугарија може да стекне пријатели околу спорот, но во моментов треба да биде ориентирана кон два правци – Австрија и Соединетите Држави. Негов впечаток е дека Бугарија, сепак, не работи на создавање бугарско лоби во Америка.

„Имаме стара емиграција, која има добри позиции во општеството, но никој не ги бара овие луѓе за да ги користи за активно бугарско лоби“, рече Ташев.

„Ставот дека се случил неповратен процес во Скопје не соодветствува во целост со вистината“, истакна тој и додаде дека додека работел на терен во Македонија открил три периоди на бугаризација. Запрашан од News.bg дали интеграцијата на Македонија може да доведе до влошување или прекин на дипломатските односи меѓу двете земји, Ташев рекол дека не смета дека може да дојде до таму.

„Односите генерално се многу лоши во моментот, но никогаш не биле добри“, оцени тој.

Главната цел на објавената „Бела книга“ е надминување на слабоста на бугарската надворешна политика – недостатокот на аргументација околу изнесениот став за идната европска интеграција на Скопје.