Дали се подготвува терен за распродажба на Пелагонија на бугарски бизниси?

Во отсуство на каква било визија за економски развој на државата, Владата на Заев прибегнува кон методи кои се позната специјалност на СДС уште од деведесетите – приватизација на државен имот – односно отуѓување на народнатa сопственост и нејзино префрлање во сопственост на олигарси блиски со власта. На крајот на минатата година, Владата започна да најавува дека ќе започне со приватизации на земјоделското земјиште. Со оглед на тоа што овие најави коинцидираат со различните Акциски планови кои периодов се разменија со Бугарија, а кои остануваат скриени од јавноста, се наметнува прашањето дали и распродажбата на земјоделско земјиште и поширокиот земјоделски капитал е дел од договорите помеѓу Заев и различните бугарски интереси во Македонија?

Историјата на фирмата ЗК Пелагонија во последните 10 години отвора простор за сомнеж и укажува на процеси и бизнис мрежи кои веројатно влијаат врз различните планирани приватизации од страна на Владата на Заев. ЗК Пелагонија е водечка компанија во рамките на агробизнисот во Република Македонија. Во Комбинатот со години платата ја заработуваат околу петстотини вработени, а неколку илјади луѓе по разни основи се поврзани со неговото работење. Во ЗК „Пелагонија“ се  одгледуваат околу 4.000 грла говеда и се обработуваат 17.530 хектари земја.

Во 2011 година Јордан Камчев и Цветан Панделски поединечно купија по 19,99% во основната главнина на ЗК Пелагонија АД Битола. Според истражувањето на БИРН, ЗК „Пелагонија“ во изминатите години зеде субвенции од 1,2 до 1,5 милиони евра годишно за производство на млеко и засеани земјоделски површини. Во истражувањето за симптоматично се смета тоа што Камчев го купил Комбинатот во 2011, а веќе следната година добил дури половина милион евра за засеани површини со жито. Ако во 2011  субвенциите биле 66.656 евра, во 2012 година веќе станале 504.287 евра за жито исплатени од буџетот. Во годишниот извештај на фирмата за 2017 пишува дека од приходи за премии, субвенции и донации добиле само 270.493 денари (4,5 илјади евра).

И покрај овие високи приходи, во 2018 медиумите известуваа дека Камчев и Панделески ја заглавиле фирмата со 23 милиони евра кредити од Стопанска банка Скопје и НЛБ Банка. Како последица на ова, во декември 2018 година, над стотина вработени од АД „Пелагонија“ излегоа на протест, со барање да им се исплатат заостанатите плати. Стопанска банка Скопје и НЛБ Банка преку извршители поради неплатени долгови запленија удели во ЗК Пелагонија, што им ги блокираше платите на вработените. 2 години подоцна, токму овие две банки дадоа согласност за друга купопродажба, спроведена токму од оние кои ја заглавиле ЗК Пелагонија, Камчев и Панделески.

Имено, на почетокот на 2020 година, Орце Камчев и Цветан Панделески преку бугарска фирма ги купија електраните на ЗК Пелагонија „Пелагонија Енерџи“ за 24 милиони евра. Купувач беше бугарската фирма „Тиор“ чиишто основачи се бугарските фирми „Камил – РМ“ и „Тимстрој фјужн“, што поседуваат влог во висина од по 50% во основната главина на „Тиор“. Според истражувањето на еМагазин, основачи на „Камил – РМ“ и „Тимстрој фјужн“ се лица поврзани со акционерите „Орка Холдинг“ АД Скопје, компанија во која Камчев е неизвршен член на одборот. За оваа купопродажба согласност дадоа и Стопанска банка Скопје и НЛБ Банка, кои преку извршители поради неплатени долгови во 2018 имаа запленето удели што ЗК Пелагонија ги поседуваше во биогасните електрани.

„Половина век го градевме „Зико“ – ние така си ја викаме компанијата. Работевме, чесно, посветено. Со години со неа управуваше директорот Вангел Гагачев и не паметиме период кога била во криза. Тука се постигнуваа рекорди на ниво на поранешна Југославија во производство на шеќерна репка, рекорди во пченица и пченка. Се купуваа најсовремените џондир трактори. Потоа фирмата ја зедоа приватници, почнаа да се менуваат работите. Ни на сон не можевме да помислиме дека ќе стигнеме до таму да не можеме да ги исплатиме доверителите“, изјавиле во 2018 вработени во фирмата за порталот СДК

Вчера Канал 5 објави дека се врши манипулација со помалите акционери на ЗК Пелагонија. Тие информираа дека поради интерес на глобални инвестициски фондови во земјоделскиот сектор, ЗК Пелагонија би можела да биде откупена за околу 50 милиони евра. Во понудата би влегле агрокомбинатот, електраните од 6 MW и Здравје Радово. Во случај на реализација на такво сценарио, акцијата на ЗК Пелагонија би вредела 15.000 денари. Според Канал 5, поради инсајдерски информации во моментов се манипулираа помалите акционери и се тргуваше со нивните акции, што им се откупувале по 10 пати пониски цени од 3900 до 4500 денари. Покрај тоа, тие информираат дека ова се совпаѓа и со интересот на Владата за привлекување на стратешки инвеститори и за измена на Законот за продажба на земјоделско земјиште на странски инвеститори.

Ситуацијата со АД Пелагонија е симптоматичен пример за начинот на кој власта соработува со олигарсите на сметка на народниот имот и работниците. Покрај тоа, најавите за приватизирање на земјоделско земјиште во Пелагонија, кои коинцидираат со потпишувањето на таканаречените Акциони договори со Бугарија, отвораат сериозни сомнежи за влијание на бизнис интереси во капитулантските преговори помеѓу Македонија и Бугарија.