Претседателите на САД се менуваат – а надворешната политика не

Александар Симонов е член на ЦК на Левица

Во современите меѓународни односи, САД излегоа од традиционалните воени методи  (hard power) како инструмент на надворешна политика во борбата со нивните геополитички или економски противници. Овој традиционален метод е заменет со алтернативните решенија, кои од страна на тинк-тенковите се класифицирани во групите на  „мека“ и „умна“ сила (soft power / smart power). 

Едностраните санкции се една од најчесто користените алатки кои САД ги користи во последно време. Денес, овие методи на притисок веројатно не делуваат така опасно како традиционалните методи, но праксата покажа дека жртвите и штетите на погодените од овие методи можат да бидат најмалку исти како и воена интервенција. Целта на посегнувањето по вакви дејствија е создавање меѓународен политички притисок, кој останува надвор од контролата на меѓународната заедница. Зад воведувањето на санкциите се крие идејата за одржување на доминантната позиција на САД во светската политичка арена. Задача е ослабување на моменталните влади на државата која не ја поддржува нивната политика, промена на политичкиот курс или власт, кој е во спротивност со целите на властите во Белата куќа.

Статистичките податоци укажуваат на тоа дека во 50-тите беа воведени 15 еднострани санкции од САД, во 60-тите години на минатиот век – 20, во 70-тите – 37, во 80-тите години од минатиот век – 23 и од крајот на Студената војна – повеќе од 50 пати.

Според Националното здружение на индустријалци, само во периодот 1993-1996 г. САД прибегнаа кон санкции повеќе од 60 пати. Во тоа време САД воведоа економски санкции против 78 држави и подложени на заканата од нивно воведување од повеќе од 75 земји (чие население е 52% од севкупното население на светот). Овие податоци се дадени во резолуцијата на Генералното собрание на ООН A / 58/301. Меѓу санкциите наметнати од САД по 2000 г. на европскиот континент вниманието најмногу го привлекоа оние против Србија и Црна Гора во 2001 г, против Белорусија во 2004 г. и санкциите против Украина и Русија од 2014 г. кои постојано се продолжуваат и се активни и денес.

Државите од азискиот континент се соочија со најмногу санкции. Оние кои најмногу привлекоа внимание се санкциите против: Иран во 1979 продолжени во 2012 г., Ирак во 1990 продолжени во 2010 г., Либан во 2012 г, Сирија 2004 г., Јемен 2012 г.,  НР Кореја 1950 – 2008 година и од 2013 година – до денес. Во истиот овој период, иако медиумите не посветија доволно внимание (со исклучок на Либија) бројни африкански држави се соочија со санкции од ,,најсилната“ западна империја, како: Брегот на Слоновата Коска во 2011 г., ДР Конго 2006 г., Либија 2011 г, Сомалија 2010 г., Судан во 2007 г., Јужен Судан во 2014 г., Зимбабве во 2002 година и т.н.

Денеска, политиката на санкции водена од САД против  Кина, Русија, Иран и ДНР Кореја во одреден степен потсетува на времето од Студената војна, или како што дел од аналитичарите денес милуваат да кажат „војна со поинакви средства.

Четири години, Доналд Трамп водеше активна санкциона политика, оставајќи ги во постојана неизвесност и тензија своите партнери, најблиските сојузници и стратешките противници. Од Бајден многумина очекуваат, пред сè,  „враќање во нормала“ на: меѓународните договори, контролата на оружјето и традиционалната дипломатија

Кои се очекува да бидат првите чекори на 46-от претседател на САД?

Доналд Трамп зад себе остави сложена ситуација. Раководството на САД беше разнишано, сојузничките односи покажуваа слабости, а критиките од партнерите во воениот сојуз постојани. Дополнително, заканите беа како истурање на гориво на огнот кон оние што се осмелуваа да влезат во бизнис со „стратешките противници“ – Русија, Иран и Кина. 

Не е изненадувачки што Бајден, кој е во висока политика скоро половина век, избра искусни асистенти. Меѓу нив се и поранешниот заменик-државен секретар Ентони Блинкен како шеф на Стејт департментот и искусен дипломат Брет Мек Гурк: тој ќе се занимава со прашања од Блискиот исток во Советот за национална безбедност. „Архитектот на американскиот стожер во Азија“ Курт Кембел ќе работи во насока на Далечниот исток. Во непосредна околина и познавач на Русија – поранешниот амбасадор во Москва, Вилијам Барнс. Барнс ќе стане првиот дипломат во кариерата што ќе ја извршува должноста шеф на ЦИА.

Во меѓувреме, Русија остана „дежурен непријател“ на  САД по крајот на Студената војна. Во овој момент проблем кој се наметнува како приоритетен и има потреба од итно разрешување е Договорот за стратешко офанзивно вооружување меѓу Русија и САД – последните преостанати ограничувања од овој договор истекуват во февруари 2021 година. Администрацијата на Трамп последните месеци активно се консултираше со руската страна, но проблемот сè уште не е решен. Бајден увери дека во случај ако победи на изборите ќе го продолжи постоечкиот СНВ-3 и ќе го искористи договорот како основа за нови договори. Шефот на руското Министерство за надворешни работи Сергеј Лавров потсети дека Москва чека „конкретни предлози на оваа тема“. Тој се надева дека ќе се постигне  договор за деталите пред 5 февруари, напоменувајќи дека  Бајден е специјалист во областа на разоружувањето.

„Ова е можеби единствената итна задача во областа на руско-американските односи“, вели Андреј Кортунов, шеф на Рускиот совет за меѓународни работи. Тој е уверен дека притисокот од санкциите кон Русија ќе продолжи. Според него причината за нивното зголемување може да бидат настаните поврзани со враќањето на Алексеј Навални во Русија но истовремено смета дека барањето на причини за санкции ќе продолжи. 

Вториот најголем предизвик во однос на Русија со кој директно ќе се соочи Бајден е Гасоводот „Северен ток 2“. Гасоводот од Русија до Германија долж дното на Балтичкото Море требаше да биде пуштен во употреба на крајот на 2019 година. Сепак, неговото завршување беше попречено, особено од заканата од санкции од САД, поради што европските компании почнаа да се повлекуваат од проектот. На 19 јануари 2021 година, Вашингтон за прв пат ја сфати заканата и воведе ограничувања на рускиот брод Фортуна, кој ќе се искористи за завршување на градбата. После ова, Гаспром за прв пат напомена дека изградбата може да се одложи на неодредено време.

Во овој проект инволвирани се повеќе членки на ЕУ, а Германија е земја која за ова го понесува товарот. Тешко е да се предвиди текот на состојбата на ова поле. Можеби Бајден ќе покаже флексибилност за да не влезе во конфликт со Германија или, напротив, Берлин ќе направи отстапки за Вашингтон. Генерално, на оваа релација очекувањата се дека односите ќе се подобрат, но не треба да се очекува премногу. Во случајот со Русија, иако беше најавено преиспитување на санкционата политика на САД во оваа релација, намалување на тензијата или промена на санкционата политика не е ниту на повидок.

На далечниот исток, Кина со својот развој постепено го завзема статусот на Русија и е прв кандидат за приматот ,,дежурен непријател“ на САД. Трамп во 2018 година започна но, никогаш не ја заврши трговската војна  Во последните недели, тимот на државниот секретар Мајк Помпео воведе нови санкции и го обвини Пекинг за кршење на човековите права, ширење на коронавирусот, кражба на технологија, нефер трговски практики и кршење на меѓународните норми. Администрацијата на Бајден наследува сложена ситуација. „Јастребите“, кои беа одговорни за кинескиот правец, веќе четири години брзаат да обезбедат некаква посилна позиција, но никако да им појде од рака. Стравот од возможноста да се вратат на претходниот тек се повеќе расте.

Многумина веруваат дека Бајден ќе се обиде да го намали степенот на стрес во оваа релација. Денес, вниманието е сериозно насочено кон Кина, темата за меѓусебни врски е исполитизирана, на страните им е тешко мирно да донесуваат одлуки. Новиот тим има потреба од развивање повеќе насочена и флексибилна стратегија. Економската и трговската војна е актуелна помеѓу САД и Кина. За какви промени  во санкционата политика е подготвен Бајден се’ уште е нејасно, но статус-кво како опција изгледа целосно исклучено.

Годините на работата на Трамп оставија трага низ цела Азија. Сигурно е дека Бајден ќе се обиде да воспостави сопствен поредок, во обид да ја врати довербата на сојузниците во неповредливоста на сојузите. Но, сомнежите за искреноста на американските намери веројатно нема да исчезнат.

На САД ќе им бидат потребни и поддржувачи во регионот за да ги подобрат односите со ДНР Кореја. Трамп се состана со Ким Џонг Ун три пати, но не го убеди во разоружување. Властите на ДНР Кореја се чини планираа да преземат одредени чекори за разоружување истовремено со американската страна. Но, Трамп сакаше тие целосно да се откажат од нуклеарното оружје преку ноќ, по што САД, можеби, ќе ги отстранат ограничувањата од републиката. Овој предлог веројатно стана причина за ДНР Кореја целосно да престане да размислува во овој правец.

Наместо ова, во пресрет на инаугурацијата – официјално до крајот на Конгресот на Работничката партија на Кореја – од Пјонгјанг дојде вест за создавање на ново оружје, Ким Џонг Ун ги нарече САД главни непријатели. Кога Бајден беше потпретседател на САД, тој целосно ги поддржуваше политиките на Барак Обама, кои беа опишани како „стратешка трпеливост“. Во овој случај неопходна е целосно нова стратегија, санкциите на примерот кон ДНР Кореја не покажаа никаков ефект.

Блискиот исток е регион кој сечија администрација го дочекува како нестабилен. Трамп успеа да нормализира (за американската страна)  барем дел од односите на Израел со некои арапски земји, да ја зајакне соработката со Саудиска Арабија и да го уништи иранскиот нуклеарен договор. Сепак, потенцијалот за конфликти во регионот е голем, а голем број од сојузниците се незадоволни од донесените решенија и направените чекори во овој регион.

Бајден веројатно ќе пристапи кон  ревидирања на  односите со Саудиска Арабија. Новиот шеф на Белата куќа изрази јасна намера да стави крај на поддршката за Саудијците во војната во Јемен и да се погрижи САД да не ги разменуваат своите вредности за оружје и нафта. Да, помалку звучи на иронично признавање вина и со оглед на тоа, малку е веројатно дека тоа ке се случи.

Во исто време, постои можност и потреба пристапот кон Иран да омекне. Бајден, додека беше потпретседател во администрацијата на Обама беше активно вклучен во склучувањето на иранскиот нуклеарен договор во 2015 година. Тој самиот е подготвен за дијалог со Техеран, но Конгресот може да се меша – и тука ќе се спојат мислењата на двете партии. Познавајки ги карактеристиките на надворешната политика на САД, заеднички и сеопфатен план за акција се минимални. Од страна на Иран, гласно се зборува за барање на компензација, што САД мора да ја платат за санкциите. Додека од САД  укажуваат дека Иран прво мора да се вратат на договорот и да ги почитува одредбите кои се однесуваат на ураниумот. Несомнено е познавањето и претходното искуство на Бајден во проблемите кои ги носи овој регион, помек пристап по ова прашање несомнено е потребен.

На крајот на краиштата, само Доналд Трамп заминува. Епидемијата, економската криза и зголемените расни и социјални спорови остануваат како проблеми. Сега Бајденовата администрација тврди дека во преден план е здравјето и благосостојбата на Американците, и што е најважно – граѓанскиот мир и хармонија. Но дали ваквите околности да ја променат надворешната политика на САД – и ќе го потврди ли и Бајден тврдењето дека „претседателите на САД се менуваат а, надворешната политика не“?!