Нацрт извештајот на УНЕСКО е последната игла во вуду – куклата наречена Македонија

Став на Александар Панајотов – член на ЦК на Левица.


Нацрт извештајот на УНЕСКО за состојбата со Охридското езеро е последната игла во вуду – куклата наречена Македонија. Зошто таква компарација, да не речеме еуфемизам дури? Бидејќи од самото нејзино „осамостојување“ навака трите партии на власт наизменично и со здружени сили работат макотрпно да ја соголат од сите нејзини употребливи и непроценливи ресурси и природни богатства, на крајно бесрамен и подмолен начин, како да е целата држава нивна приватна сопственост.

Имено, постојано се штитат едни со други, при што најдобар пример се хидроцентралите на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и лидерот на ДПМНЕ, Христијан Мицковски, кои добиваат огромни бенефиции од владата, додека локалното население е оставено без вода за пиење. Апсолутни шампиони во искривувањето на законите, не само на етичките и моралните, се функционерите на ДУИ кои, не само што не си ја вршат совесно функцијата на која се поставени, туку и постојат индиции дека градат дивоградби на заштитени со закон подрачја (како пример да ги наведеме Хисен Џемаили и Рамиз Мерко, меѓу останатите).

Индустриските загадувачи на водата и почвата (претежно индустриските канализациски системи, хемиската индустрија и рудниците) буквално дивеат со многу мали или минорни казнички, колку да се замачкаат очите на јавноста, оставајќи неспоредливи и трајни последици врз био-диверзитетот и природата. Водите и почвата се преполни со недозволиви нивоа на цинк, олово, кадмиум, фосфор и нитрати.

Но, не заостанува ни загадувањето на воздухот, особено во Скопје и неговата околина, каде со години нивото на ПМ10 честички го надминува сите прагови за средина погодна за живеење. Повторно, на главните виновници за ова загадување (претежно металуршките постројки) им се прогледува низ прсти со секоја „вонредна“ инспекција, бидејќи се очигледно добро поврзани со власта.

За сево ова да почне да се придвижува од мртвата точка, потребни се итни законски измени, особено во делот на висината на казните за загадувачи, да се донесе закон за води и за национализација на природни богатства. Се разбира, не како предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, со кој Владата и нивните бизнис-партнери сакаа набрзинка да се офајдат, туку суштински и неселективно применливи закони, со кои граѓаните ќе престанат да бидат обезмоќени од страна на паразитите!