Класните нијанси на Вистината, Слободата и значењето на фактите

Во последните неколку декади, либерализмот значително го прошири опфатот на ограничување на слободата на говор и изразување. Може да се каже дека овој процес правопропорционално ја следи кризата на капитализмот, па оттаму сѐ поголем и пообемен е неговиот радиус. Конечно, ваквите карактеристични ограничувања на слободата на говор на свој грб почнаа да ги осеќаат и, конвенционалните мислители, односно академици, и соодветно, конечно почнаа јавно да изразуваат незадоволство од тоа. Една ваква реакција е четивито со наслов „Слободата на говор не смее да се замолчи“, од Ненад Живановски објавено на блогот Республика. 

Лично, целосно се сложувам со максимата од насловот, па генерално и со главната теза во текстот. Имено, Живановски одлично детектира дека постои сериозна цензура на мислата, како и стремеж на одредени центри да превземат монопол над вистината, и оттаму не само да просудуваат што е точно а што не, туку и она што според нив важи за неточно, да го задушат. Исто така, во споменатата анализа, особено добро е забележано дека ваквите здруженија, кои имаат исклучителна моќ да влијаат врзисклучително сензитивни работи како што е ограничувањето на слободата, пред сѐ институционално лебдат во воздух, односно немаат никаква подлога во правниот поредок на тој политички систем – тие не се никаде верифицирани во него. И секако, она што е најморбидно во целата ситуација, луѓето на кои им е доверена таквата улога, ниту имаат легитимитет за тоа, а ниту пак јавноста знае воошто кои се тие и на кој начин, според кои критериуми и кој ги избира да ја вршат улогата која ја вршат – цензура на јавно искажан збор.

Разгледувајќи го проблемот со слободата на говор во либерализмот, подолу ќе се обидам да се вратам чекор назад од полето каде почнува констатацијата на авторот на споменатиот текст. Имено, како што може да се забележи и од признанието  во првиот пасус, тој за проблемот станува свесен токму оној момент кога истиот го осеќа на своите плеќи, за потоа, соодветно јавно да го изнесе. 

Меѓутоа, во класното општество, каде доминира економијата на профитот, слободата на мислата отсекогаш била ограничена. Само што пред појавата на социјалните мрежи, и интернет просторот воопшто – како технолошка револуција која јавниот дискурс го направи релативно  подостапен и за ниската класа – цензурата на мислата и слободата на јавно изразување беше ограничена по принципот на тоа дека владеачките идеи на едно време се идеите на [материјално] владеачката класа. Односно, народски кажано, по принципот на колку пари толку музика. Во ваквите услови каде владее приватниот интерес на чело со капиталот, еуфемизмот „слободни медиуми“ единствено значи слобода да се купи медиумот, слобода да се купи новинарот, слобода да се поткупи народното гледиште и истото слободно да се претстави во полза на буржоазијата, односно класата која владее над капиталот – имотната класа. Оти, во услови на класна раслоеност и економската несигурност која ја носи ваквото конфликтно општество, никој не е мотивиран да се бори за „идеалот“ на слободата на говорот, под ваквите околности сите слободи се релативни, односно зависат од материјалната подлога. Во околностите на приватна сопственост, каде новинарот е работна сила на пазарот на труд, тој во никој случај не ја брани слободата на говор, туку јавно се нуди (на пазарот) како предмет кој ја корумпира вистината – некој подобар некој полош…во неговиот „занает“ нели.

Но, денеска, поради тоа што појавата на социјалните мрежи делумно ја разби таа ограниченост на ниската класа да допре до пошироката јавност, се појави и потребата за регулирање на друг начин, инквизиторски, од кој пак засегнати се најдоа, не само обичните луѓе кои и претходно немаа многу голема можност јавно да се произнесат, туку и сите, без разлика на нивниот статуис, кои не се блиски до административно-владеачката гарнитура, а особено оние кои имаат критичко мислење за неа и за политики кои ги спроведува. 

Ова секако не е процес кој е специфично карактеристичен за сегашната наша власт, но таа дотолку повеќе најдрско ја користи приликата. Имено, заевизмот како надградба на груевизмот, условно речено, борбата на новинарите за слобода на говорот ја направи само гола борба и амбиција за тоа кој да господари со вистината. Оттука и претенциозните имиња на разните факт чекери од типот на вистиномер и слично. Замислете само каква дрскост, па кој тоа ја има дефинирано еднаш за секогаш вистината (?!), расправите низ историјата на човекот за тоа што е вистината траат со милениуми! 

Во текстот на кој реферирам погоре, преку мислите на Мил начната е и самата потреба, односно оправданост, од било каква регулација на мислата. Но авторот мислам дека не се охрабрува да оди до крај, па затоа јас ќе продолжам токму по стапките на Мил за да покажам дека, не само што не е потребна било каква регулација на мислата, туку истата и не е возможна да се направи од аспект на постигнување на праведноста и општиот прогрес на она што се нарекува јавност. Имено, токму Мил коментира дека неопходна е комплетна слобода на изразување за да ги поттурне аргументите до логичните граници повеќе отколку до лимитите на општествена непријатност. Мил зборува и за принципот на штетата од таквата слобода секако, но со лимитирање на слободата на изразување, кое единствено правилно може да биде применето само доколку со тоа се спречува нанесувањето штета на другите. Тоа секако не значи дека има потреба од воведување легални казни сѐ додека тие не се базираат на штета, со оглед на тоа што степенот на навредата која луѓето можат да ја поднесат варира или може да биде резултат на неправедни предрасуди. Поентата е во тоа што ние денеска се соочуваме со феноменот на пререгулираност, односно она што со правниот јазик се нарекува правна инфлација. Едноставно, не може сѐ да биде регулирано априори, а во овој случај и нема потреба. Понекогаш мораме да оставиме последиците да се случат па дури потоа да судиме – па дури ни религиските канони не судат по ниетот, туку се чека исход по к’сметот. 

Закон со кој ќе се цензурира говорот е невозможен затоа што во таков случај тој ќе треба да санкционира мислења наместо прекршоци. Таков закон не може да биде ништо друго освен формула, метод за класична цензура. Оттука и тоа што чинам дека ниту една држава нема храброст да го стави во општа правна форма/рамка она што всушност во пракса го/се спроведува преку вакви квази инститиции и неформални институти за цензура. Токму од оваа причина, всушност и операцијата за цензурирање не е доверена на судови, туку на една ваква неформална но ултра ефективна инфо-полиција.

Слободата на изразување, во сите нејзини облици, е важна поради нејзината улога како сеприсутен патрон над колективната свест на народот како јавност. Таа е олицетворение на самодовербата на народот; еден вид негова искрена исповед кон самиот себе како огледало во кое токму народот може да се види себеси, да се самоиспита како првичен чекор кон негови мудри политички одлуки во идните демократски процеси. Во спротивно, што би останало од слободата на говор доколку она што заслужува јавна осуда повеќе не може да биде во јавноста?! 

Дури и по критериумите на либерализмот, ние со современите трендови на цензура одиме чекор назад во презервирањето и овозможувањето на слободата на говор и изразување. Разликата е во тоа што, со правно загарантираната слобода на говор, слободата е таа која казнува, доколку пак со правна регулација на таквата слобода, особено со ваквите безотчетни методи и одредби за цензура, слободата е таа која бидува казнета. Имено, законите кои ја ограничуваат слободата на говор содржат пропозиции кои се сомничави кон самата слобода – тие ја казнуваат слободата како злоупотреба а не самото злоупотребување на слободата.

Мислам дека премногу е очигледна нескладноста помеѓу праксата и поимањето на слободата на говорот во рамките на либерализмот, при што се забележува дека таквото поимање на слободата на говор не може да даде никаков отчет за начините на кои токму ваквата слобода се манифестира (негативно нели) во либералниот општествен поредок. Затоа што, либерализмот, слободата воопшто, како и слободата на говор специфично, ја конципира како лагана, континуирна, без интерни нарушувања, хомогена, неделива и дека таа може да се шири бесконечно НО сè додека не ги достигне надворешните граници. На овој начин, либералите имаат потешкотии да поднесат сметка и одговорност за разните ограничувања на говорот, а со тоа и на самата пракса во која се на сила таквите ограничувања и забрани. Бидеќи токму ваквите недоследности кои ги создаваат, се тие кои на самата слобода и даваат специфична идеолошка текстура и посакуван карактер во  било кој зададен општествено-културолошки контекст.

Слободата на говор не смее да биде ограничена!