Македонија се најде на листата на најнесреќни земји на светот
Македонија се најде на листата на најнесреќни земји на светот, направенa врз основа на истражување на јавното мислење на агенцијата Галуп спрoведено во октомври и ноември 2020 година. Кога станува збор за најнесреќните земји, Македонија се најде на врвот со резултат од -3 поени, пишува медиумот.
Според друга анкeта, овој пат од 2019 година, Македонија го зазема високото 90 место на листата најнесреќни земји во светот. Според трето истражување пак, овојпат од 2012 година, Македонците се на 140 место од 151 земји во светот. Македонија според ова рангирање е најнесреќна држава во Европа.
Што ги прави Македонците едни од најнeсреќните луѓе во светот ?
На тоа можеме да ги надоврземе и статистиките кои укажуваат дека употребата на антидепресиви и седативи од година во година се зголемува, со што добиваме уште поцелосна слика.
Доколку почнеме да истражуваме на ‘‘темата‘‘ ќе видиме дека години наназад Македонија се вбројува во најнесреќните земји во светот. Овде не станува збор за релевантноста на анкетите, или за тоа кој истражувачки центар ја правел анкетата. Не станува збор за тоа дали среќата може да се измери или не, или пак за субјективното доживување на зборот среќа, туку станува збор за нешто што не можеме да го отфрлиме како факт, а тоа е дека врз основа на некои колективни параметри, македонскиот народ постојано се вбројува меѓу најнезадоволните или најнесреќните во светот.
Велат дека задоволството од животот и среќата се два различни термини, односно се смета дека среќата е моментално чувство, а задоволството од животот се дефинира како евалуција на животот како целина. Доколку едното произлегува од другото, односно доколку направиме паралела со долгогодишното незадоволство кај македонскиот народ, не може – а да не се запрашаме кои се причините кои придонесуваат за ваквото енормно незадоволство.
Според психолозите, на чувството на среќа влијаат надворешни фактори како: работните услови, висината на приходите, како и социјалната сфера. Односно, колку е личноста позадоволна од работните услови, висината на приходите или е социјално вклучена во општеството се очекува да е посреќна. Нормално, задоволството извира и од релацискиот контекст на работите, односно субјективното задоволство од релациите со семејството, пријателите, партнерот. Стресот и механизмите за справување со истиот, физичката активност, сонот, хормоните се само дел од факторите кои придонесуваат за заокружување на личното задоволство како целина.
Како што може да се согледа, едното произлегува од другото и обратно. Сите овие алки системски се поврзани во една целина и колку повеќе алки недостасуваат во системот, тој е толку покршлив. Прашање е колку и кои од овие аспекти се директно поврзани со нас, а колку зависат од социјалниот фактор или општествениот систем. Се плашам дека општеството кај нас, онакво какво што е, со исти проблеми кои се провлекуваат со години како системско уништување на јавните институции и сведување на профитна гранка, висока стапка на невработеност, високи класни разлики, продлабочување на нееднаквоста од секој аспект, нискиот животен стандард, квалитетот на исхраната, недовербата во институциите, неправедноста, дискриминациите по различни основи, итн., придонесуваат за намалување на прагот на толерантност кај индивидуата, на создавање на константно чувство на фрустрираност и незадоволство, кое што доколку функционално не се канализира би било деструктивно.
Има уште една психолошка состојба која е се поприсутна во последно време, а која доаѓа по оној стадиум кога емоциите ќе атрофираат, или кога ќе завладее апатичност. Кога ќе се изгубат вербата, надежта, волјата или кога народот ќе стане индиферентен. Тоа доаѓа по високи осцилации на интензитетот на чувствата на народот, односно од константно верување дека нешто ќе се смени во позититивна насока, а наспроти тоа се наидува на разочарување.
Во Македонија за таквите високи амплитудни осцилации на разочараност и повторно пуштање на мамка за поттикнување верба и надеж во подобро утре, во огромен дел виновни се долгогоднишните деструктивни политики на бизнис – партиите кои имаат можност да направат нешто подобро за народот, но кои со години се менуваат едни со други само за личен интерес и интерес на олигархиските структури кои посредно и непосредно ги финансираат. Народот го искористуваат само како инструмент за остварување на личен профит и интерес, чувствувајќи се изманипулиран и излажан. Да, дрско ќе кажам дека за колективната душевна состојба на народот т.е. за завладеаното чувство на анехдонија кај народот, се виновни партиите кои раководат со институциите на државата 30 години.
На теренска локална анкета (спроведена од Левица) за потребите на локалните жители на Карпош, каде решението произлегуваше директно од правните механизми со кои располагаме во корелција со институциите, во разговор со жителите, во најголем број беа токму индиферентни. Најмногу разочарува фактот што жителите сакаат да побараат помош, но едноставно не веруваат во институциите, ниту во правните механизми кои може да ги застапуваат. Преку хипер-бирократизација на дури и најбанални процеси – политичките елити покрај тоа што создаваат послушна партиска админситрација која не создава никаква вредност – тие со бирократијата ја амортизираат и иницијативноста за промена на процесите. Од друга страна, иронијата е што имаме локална власт во Карпош која годишно издвојува милионски суми буџетски пари за наводна транспарентност и следење на жалбите на граѓаните, што повеќе наликува на полиција на мислата на незадоволството на граѓаните.
Конечно системот на државата е збир од сите локални подсистеми (економија, здравство, образование, култура, спорт…) кои функционираат засебно, но мнозинството имаат исти или слични проблеми кои во најголем дел се егзистенцијални и кои влијаат на нивната општа благостостојба и истите се директно засегнати од политичките случувања.
Ќе завршам со еден цитат на Бертнард Расел кој вели: “Не постои сомнеж дека потребата за храна е сè уште главната причина за големите политички случувања“ – кратка реченица каде може да се согледаат многу социо-психолошко-политички дејствија кои ја одбележуваат сегашноста.