И покрај промената на владејачката администрација од САД ништо ново во светот

И покрај промената на администрацијата во САД, нема изгледи за промени во агресивната надворешна политика карактеризирана со санкции и притисоци за изолација и екскомуникација на земјите кои што стојат на патот во остварување на империјалистичките интереси на САД. 

Во говорот кој новоизбраниот претседател на САД, Бајден, го одржа во понеделникот, каде ги претстави своите надворешни и национални безбедносни политики, повторно, без да се разликува од претходникот Трамп, примарниот фокус беше Народна Република Кина. Имено, Бајден повика на „трансатлантски сојуз“ против Пекинг.  

Како и американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, така и новоизбраниот, Џо Бајден, не успеваат да разберат дека Кина е економска велесила која е длабоко интегрирана во глобалната економија, па дури и меѓу земјите кои условно важат за американски сојузници. Имено, и покрај притисокот на САД кој го врши низ земјите во светот, 2020 година Кина ја заврши со два многу значајни договора. Првиот, трговски договор со земјите кои се протегаат преку регионот на Азија-Пацифик – Регионално сеопфатно економско партнерство (RCEP), и вториот, кој се чини предизвика најголем бес во Вашингтон, е сеопфатниот договор за инвестиции со ЕУ.

Само мејстрим и (од либерализмот идеолошки опседнатите) медиуми можат да претпостават дека единствената причина зошто сојузничките земји на САД – а особено ЕУ – не се пријавија на повикот за „трансатланскиот сојуз против Кина“ е поради однесувањето на администрацијата на Трамп. Реалноста е сосема друга, земјите си ги следат своите легитимни интереси. Имено, тоа го знаат дури и во самиот врв на владејачката администрација на САД, што впрочем и таа нивна желба во градењето на таквата нивна замислена трансатланска коалиција единствено ја постигнуваат во земјите од третиот свет. Притоа, не преку некаков повик, туку преку агресивни политики на притисок и принуда, најчесто на огромна штета и пропуштени можности за изградба на инфрастуктурни капацитети на поединечни земји и региони, за што Македонија можеби е најеклатантниот пример за ваквата послушност кон својот „сојузник“ САД.

Факт е дека светот веќе не е униполарен, внатрешните сили на капитализмот ги урнисаа сите митови за глобализацијата. Тоа за тие што ги знаат иманентните противречности на овој економски систем и неговиот историски развиток до денес и не е некое изненадување. Светот станува мултиполарен, уште повеќе, глобалната доминација на Кина се етаблира многу побрзо дури и од очекувањата на најголемите скептици. Опасноста од ваквата состојба е глобална војна како последно оружје за задржување на својата доминантна позиција на империјата која пропаѓа. САД како светска империјалистичка сила, во минатото по тоа има многу пати посегнато – од војните на Блискиот исток, преку разните организирани воени удари за промена на власта ширум светот, а особено Латинска Америка. Такви знаци покажува и денеска, оттука подолу ќе претставиме само неколку тазе случаи каде САД предизвикува опасни провокации кои можат да прераснат во сериозен конфликт:

Пловењето преку Тајванскиот теснец на двата ракетни разурнувачи на САД

Откако два ракетни разурнувачи на САД во четвртокот на 30-ти декември, како дел од воена вежба, испловија преку Тајванскиот теснец, Пекинг по однос на ваквите провокации упати остри критики кон Вашингтон. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи за време на редовниот брифинг, ги обвинија САД за „испраќање на погрешни сигнали“ до силите за независност на Тајван, и за „сериозно загрозување на мирот“, при што подвлече дека воените бродови на САД, постојано провоцирајќи, ја истакнуваат својата моќ во Теснецот на Тајван, но и дека Кина е „подготвена да одговори на сите закани и провокации“.

САД претходно го навлекоа гневот на Кина со продажбата на борбени авиони и против-бродски ракети на делумно признаената Република Тајван, што Пекинг ја смета за кинеска територија. 

Подметнување на лажно знаме како изговор за воена интервенција врз Иран

Ова пред неколку дена го обелодени иранскиот министер за надворешни работи, Зариф, кој потврди дека разузнавачки служби на Ирак му сугерирале дека САД заговараат план за „измислување на причина“ се со цел отпочнување воен конфликт со Иран. Зариф, нагласи дека Иран не бара војна, но дека „отворено и директно ќе го брани својот народ, безбедноста и виталните интереси“. 

Овој период тензиите помеѓу двете земји се исклучиво нагло растат, особено поради наближувањето на годишнината од американскиот атентат над иранскиот генерал Сулејмани кој беше убиен во Багдад на трети јануари минатата година. А, пред скоро недела дена, САД, во знак на моќ, испратија два бомбардера Б-52 во Персискиот Залив, што исто така предизвика бес во Техеран. 

Тврдењето на Трамп дека Кина понудила пари за да бидат нападнати американските трупи во Авганистан

Приказната, со сета оргиналност на холивудски римејк дека некои држави потплатуваат милитанти во Авганистан за да ги таргетираат американските трупи, се врати во реалноста, но овој пат негативецот не е Русија или Иран, туку Кина. Имено, ваквата вест прво беше објавена од медиумот Аксиос, за подоцна да го пренесат и сите останати, стандардно, со пристап до „неименувани“ извори. Веста беше дека претседателот Трамп, од страна на разузнавачките служби бил брифиран дека Кина се обидува да потплати недржавни актери за напад на американските сили во Авганистан?!

Но, конфузијата е разбирлива, бидејќи вакви заплети на заговори против САД се појавија барем два пати претходно: најпрво во извештаите од јуни се велеше дека Русија е таа што наводно ги стимулира Талибанците да се борат против заколнатиот непријател, а пак во август беше пријавено дека ваквите дарови доаѓаат од Иран. Но ваквите тврдења никогаш не беа потврдени и никогаш не излегоа на виделина. Впрочем, во однос на тврдењето за потплата на недржавни актери од страна на Русија беше коментирано и од страна на Генералот на американските трупи во Авганистан, Мекензи, кој изјави дека „едноставно тоа не е потврдено на ниво на сигурност кое би ме задоволило“. 

Најновото вакво додворување доаѓа преку ветувањето на САД дека ќе ги декласифицираат сите информации кои ги имаат, како би го поддржале тврдењето на Трамп за кинеските „дарови“ кон недржавни ентитети за предизвикување штета и загрозување на безбедноста на САД.  Доколку ова се оствари, тоа би била ретка можност за пошироката јавност да може сама да суди за вистинитоста на ваквите тврдења, наместо да се потпира на нејасни „разузнавачки проценки“ и уверувања од „неименувани извори“ и „пријателски настроени новинари“.