Образовни реформи: Царовска via Финска

Пишува:
Дарко Ристовски

МОН на чело со министерката Мила Царовска засилено ги најавува промените во наставната програма за основно и средно образование. Моменталната ситуација во македонското образование е следнава… Резултатите од последниот рејтинг за постигнувањата на учениците во областа на математиката, науката и читањето на ПИСА (The Programme for International Student Assessment ) се поразителни. Македонија на оваа листа е на 11-то место одназад. Ништо подобро не котираме ниту на неодамна објавената листа на ПИРЛС (Progress in International Reading Literacy Study) на која македонските ученици во конкуренција со нивни врсници од 58 светски држави се најдоа на 45-тото место во математичка писменост и на 51-то место во познавање на природните науки. На дното сме и на табелата за функционална писменост.

Каде е проблемот и чиј интерес е да имаме функционално неписмено деца?

Последната реформа во основното и средното образование се случи во 2014 година кога на власт беше двоецот ДПМНЕ/ДУИ. МОН, на чело со Спиро Ристевски, во тоа време ја укина дотогашната пракса за секој наставен предмет да има по неколку учебници и наставниците да работат по оној за кој сметаат дека е најсоодветен. Наместо тоа, ја воведе програмата Кембриџ и ја смени наставната програма по само два наставни предмети: природни науки и математика. Во игра беа само две издавачки куќи, Арс Ламина и Арбериа. Меѓународниот испитен центар „Кембриџ“ за ИРЛ потврди дека ниту еднаш не учествувал во развојот на учебниците во Македонија. Владата на ВМРО-ДПМНЕ даде монополски статус за печатење на учебниците „по Кембриџ”, а владата на СДСМ ја продолжила програмата за која веќе знаеле дека е проблематична. Двете влади заедно дозволиле да се одлеат 30 милиони евра државни пари за образовен експеримент во само две фирми, наведува понатаму ИРЛ. 

Овие набрзина адаптирани учебници добиле ниска оцена од Стручната комисија за оценка на квалитетот на учебниците и, според Истражувачката репортерска лабораторија,  Македонија била една од првите земји што ја примениле новата образовната програма, која до тогаш била применета само во Гана и некои села во Индија.

Суштината на оваа реформа требаше да биде модерен образовен систем со квалитетни учебници и насочување кон практична работа, наместо репетитивно учење. Реалноста што може да ја утврди и најобичен лаик е дека оваа учебници се набрзина, лошо и несоодветно адаптирани и изобилуваат со експерименти и практични примери што подразбираат дополнителни ресурси, услови за практична примена на знаењата и дидактички помагала. Во услови кога училиштата од родителите побаруваат елементарни средства за хигиена и следење на наставата (од креди до шкафчиња и тоалетна хартија), а во контекст на практичната примена, овие учебници се комплетно неапликативни. На овие слабости и недоследности гласно укажуваа и реагираа и родителите и просветните работници. 

По ова следуваше уште еден дилетантски потег насловен како Компјутер за секое дете. Со про-форма обучен наставен кадар и функционално неписмени деца, исходот беше јасен. Она што беше суштински проблем во контекст на оваа т.н. реформа беа Програмите за Рано учење и развој и за средно образование. И до ден-денес остана јазот меѓу предучилишното, основното и средното образование. Програмата Кембриџ немаше логичен хронолошки след. Со други зборови, македонските деца учат по три дијаметрално спротивни и несинхронизирани програми. Она што е уште по важно е фактот што не се направија измени во ниту еден друг наставен предмет. Учениците и во склоп на Кембриџ продолжија да учат по застарени, неажурирани, визуелно и концепциски скандалозно лоши учебници по другите предмети, од кои главна болна точка е македонскиот јазик (неревидирани учебници со несоодветна содржина се препечатуваат уште од 2011 година). 

Со доаѓањето на власт на двоецот СДСМ/ДУИ, а на чело на МОН со Рената Десковска, Десковска и нејзината комисија изгубија драгоцено време во анализи и ја потврдија фактичката реалност која ја знаат и малите деца: Кембриџ е лош образовен експеримент и резултатите се катастрофални. 

Новата министерка за образование, Мила Царовска, стартуваше мошне амбициозно. Како пандан на одлуката на нејзиниот лидер за легализација на марихуаната како „врвен приоритет“ во Република Македонија, таа стартуваше со најава за воведување сексуално образование, исто така „круцијален проблем“ на нашиот образовен систем. По 100-те дена од нејзиниот мандат, излезе на прес-конференција и најави нова реформа чија суштина е аналитичко учење и интегрирање на неколку предмети во еден (природни наспроти општествени науки). Како репер притоа е споменат финскиот модел. Финска на последниот рејтинг на ПИСА беше на седмото место. Финските власти незадоволни од падот на листата за неколку места, најавија нови реформи во нивното образование. Што значи дека можеме да ги почекаме, па да реформираме.

На врвот на ПИСА, приматот го имаат азиските земји: Кина, Сингапур, Јапонија… Светските образовни системи одамна не се занимаваат со поделба на предметите и развој само на критичкото мислење, а не дај боже, на личниот развој, толеранцијата и почитта (споменати во излагањето на Царовска).  Трендот е во сосем друга насока, па дури и во Финска. Таму врвен приоритет е добросостојбата на детето. Нема домашни, тестови, се учи низ игра. И она што е суштинско за ваков амбициозен модел е: високо мотивирани и обучени кадри со сопствена автономија. Нешто што кај нас е мисловна именка.

Иновацијата е суштинската компонента на лидерот на ПИСА – Кина. Се инвестира во кадри кои ќе продуцираат иновативни генерации деца, спремни за технолошки и научни откритија. Училиштата се охрабруваат да креираат сопственa наставна програма, дел од нив имаат партнерство со музеите и други институции. Акцентот е на среќата на децата, па дури потоа на креативното и критичкото мислење. 

Сингапурскиот образовен систем, втор на ПИСА, го укина оценувањето со цел да го елиминира натпреварувањето меѓу учениците и да ги поттикне на тимска работа. Оттаму доаѓаме до еден од суштинските квалитети на ова образование – развојот на емпатијата. Идејата е да се излезе од традиционалната ориентираност кон резултатите (оценките) и да се насочат децата кон не академски содржини (хоби, слободни активности), укинување на тестовите како непотребен извор на стрес итн. Она што ги обединува овие системи е насоченоста кон професиите на иднината. Создавање генерации кои ќе бидат конкурентни на пазарот на труд и нема да настрадаат во ерата на автоматизацијата. 

Праксата покажува дека нивниот успех не е резултат на 100-дневен мандат и добри намери. Сериозни и квалитетни образовни реформи подразбираат повеќегодишни анализи, подготовки, обуки, создавање услови и вклучување на сите релевантни чинители. Германија, на пример, по воведувањето нова наставна програма, цели 15 години се спрема за следната реформа. Само кај нас во рок од неколку месеци се прават симулации на тема нови наставни планови и програми.  Со мантрање концепти од типот критичко размислување, толеранција и остварување на потенцијал, не се прават сериозни образовни реформи. Додека МОН се занимава со интегрирање предмети, светот се соочува со сериозен предизвик. Зголемување на стапката на анксиозност и депресија кај децата. Се детектираат значајни промени во нивното однесување и психоемоционална состојба. Со таа цел се внесуваат предмети и содржини со чија помош ќе се надмине овој проблем (јога, предмети за развивање соработка, помагање на другиот, развивање емпатија, психолошка поддршка). 

Пред воопшто и да размислува за сериозни промени во образованието, министерката треба да ги разгледа буџетите за образование на системите кои ѝ служат за репер. Ресурсите со кои располагаат училиштата, нагледните средства, нивната технолошка опременост, средствата кои се одвојуваат за обуки и доживотно учење на наставниот кадар, неограничените можности на децата во поглед на користење дидактички помагала, опремени лаборатории, менаџерски позиции ослободени од партиски калапи и сл. 

Со флоскули и желба, без знаење, повеќегодишни анализи, истражувања, креирање квалитетни пилот-концепти, зголемување на буџетите на училиштата, платите и автономијата на просветните работници, инвестиции во инфраструктурата и обуки на наставниот кадар, а со исклучување на јавноста (просветарите, академската и научната заедница и родителите) сериозна реформа и подобри резултати уште долго нема да има. Реализацијата на онлајн наставата е најеклатантен пример за вашите „капацитети и знаење“. Ова во пакет со „платформата“ (читај Microsoft Teams), предавањата од дома, за да заштедите на сметките на училиштата за струја, и со необучен и во најголем дел технолошки непоткован кадар (ова како последица од ерата на Груевски и компјутер за секое дете… и наставник, секако). 

На крајот од сите овие “реформи” на еден просечен родител не му останува ништо друго освен да размислува како да го изменаџира буџетот за потребите на нивното училиште од типот, влажни марамчиња, маркери за табла, телевизор во училница, смарт табла или топови тоалетна или хартија за печатење.