Исмаил: Уставен суд да ја укине функцијата на Артан Груби

Членот на Президиумот на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, одржа прес конференција на која ја известува јавноста дека, Левица поднесе претставка до Уставен суд за оценување на уставноста и законитоста на функцијата „прв заменик на претседателот на Владата“.

Левица бара оваа функција да биде укината, односно Уставниот суд да ја прогласи за неуставна, бидејќи, како што вели Исмаил, истата е воведена противуставно, со измени и дополнувања на ДЕЛОВНИК на Владата.

„Потенцираме дека, уредувањето на органите на државната власт е иманентно уставна материја и оттаму неможе да се воведуваат нови функции во извршната власт, ниту со закон, а не пак како во случајов со подзаконски акт“, вели тој.

Исто така, нагласува дека со ваквите измени на Деловникот, власта ги пречекорува уставните ограничувања на Владата, како извршна власт и буквално со ова самоволие врши еден вид централизација на целокупната власт во себе, покажувајќи доминација во сите сфери на оштественото живеење, затоа што како што вели, ова сериозно го нарушува принципот на тријалистичката поделба на власта како темелна вредност на нашиот Устав.

„Дури ни со Законот за Влада не е допуштено воведување нови државни функции, а не пак тоа да се прави со обичен Деловник, кој патем Владата сама си го носи. Ваквото самоволие на власта мора да биде спречено од страна на судот, поради опасноста од тенденцијата – Владата да ја узурпира и законодавната власт, како во овој случај кадешто со деловник си уредува уставна материја“, потенцира Исмаил.

Од Левица сметаат дека ваквото самоволно однесување и измислување на дебело платени функции на власта, е со цел да се задоволат афинитетите на партиските членови, односно претходно договорени пазарења помеѓу коалиционите партнери.

Во врска со оваа Иницијатива, Исмаил нагласи дека бараат од Уставниот суд да биде поагилен и навремено и перманентно да ја известува партијата и јавноста за целокупната постапка и за резултатите од истата.