Ѓорѓи Илиевски: Заштита од диктатура и мобинг во јавните институции во Македонија

Став на Ѓорѓи Илиевски – Виш просветен инспектор.


Како жртва на мобинг и психичко малтретирање кој го имав и доживував беше моето  професионално и законско работење од извршен редовен инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово-Правен факултет, кој ги констатирав незаконските унапредувања на високи владини функционери како што е Министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот за индустриска сопственост Сафет Емрули. Ми се изврши мобинг со девалвирање на мојата личност од страна на директорот Томе Спироски на Државниот просветен инспекторат. За целокупната моја голгота беше запозната македонската и странската јавност. 

Веќе скоро два месеца од страна на вработени по јавни институции, по мејл и телефонски комуникации ме известуваат за диктатурата и  мобингот кој им се прави  на вработени на своите работни места во јавни институции, како што е МВР и други институции од страна на раководни лица. Истите бараат од мене помош, и како понатака да постапат, а некои и водат постапки и пред надлежен основен суд.  (поконкретно може да се види во мојата книга Ѓорѓи Илиевски Трулежот на системот во Македонија, ја има во електронска верзија).

Во Македонија мобингот или појавата на психичко малтретирање на работното место е секојдневна појава по институциите. Основната цел е деградација на работните услови на работникот, кои што може да предизвикуваат повреда на човековите права и достоинство, да му наштетат на психичкото и телесното здравје и да ја компромитираат професионалната иднина на жртвата. Во македонската правна терминологија за поимот „мобинг“ се употребува изразот „вознемирување на работното место“.

Закон за заштита од вознемирување на работно место

Според Законот за заштита од вознемирување на работно место, како што наведов, е психичко вознемирување од поединец или група кое што се повторува, континуирано и систематски преставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот, предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот на работниот однос или напуштање на работното место.

Во македонската практика, во потесна, па и во поширока смисла, мобингот врз вработените се манифестира во неограничен број на форми како на пример: постојано исмевање и омаловажување на работното место, наметнување понижувачки работни обврски и/или континуирано викање и навредување со што директно се напаѓа достоинството на работникот.

Тука сакам да бидам поконкретен. Веќе има скоро два месеца, во Министерството за внатрешни работи од одговорните лица пред се од  миинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, па раководителите по сектори се врши  реваншизам, деградирање, притисоци врз вработени професионалци во МВР, со грубо кршење на Законот, а исклучиво во насока на политизација и партизација на полицијата, преструктуирање (над 20 полициски службеници)  кои одговорно и ревносно си  ги извршуваат своите работни задачи во своите повеќедецениски кариери. Или трагикомедијата која се случува во Битолската полиција ( а не само таму,туку и низ цела Македонија), со давање на наредби да се казнува народот, а полицајците кои слабо казнуваат да бидат казнети. Им се води евиденција од страна на Сменоводителот пред и за време на својата смена. Ако не ја исполнат нормата секој полицаец со најмалку 20 казни, ќе биде санкциониран или ќе му се намали платата или ќе му се поведе дисциплинска постапка.

Каква диктатура – тортура, какво омаловажување. Се тераат да се постапува спротивно на закон. Или приморани откази на медицински персонал,поради несоодветен третман кон истите од страна на раководните поставени лица…Или пример, во една кумановска општина, од страна на раководното лице во општината, на вработениот му се врши мобин, со распоредување на несоодветно работно место по систематизација. Доделување на несоодветни просторни услови за рабоата (влага и неможност да се проветрее просторијата, а лицето преживеало Ковид 19) нечовечки и нехуман однос на претпоставениот. Има и други примери кои бараат помош.

Законот за работни односи

Согласно Законот за работни односи, како вознемирувањето се дефинира секое несакано однесување што има за цел повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на работникот, а кое предизвикува страв или создава непријателско, понижувачко или навредливо однесување. Доколку таквото однесување, без разлика дали е вербално, невербално или физичко, е од полов карактер, станува збор за полово вознемирување. Со измените и дополнувањето на Законот за работни односи во 2009 година, за прв пат како појава се воведе забраната за психичко вознемирување на работното место (мобинг). И покрај сето тоа, кај луѓето под мобинг, се создава правна несигурност, бидејќи останува дали граѓаните имаат право на заштита пред истекот на рокот од шест месеци кој е предвиден согласно Законот за работни односи. Претежно во Македонија законодавецот те насочува правата да ги бараш на суд.

Претходната постапка за заштита од вознемирување на работно место кај работодавачот, укажува дека таквото однесување е несоодветно, неприфатливо и несакано. Ако не престане таквото однесување, потенцијалната жртва ќе биде принудена да побара заштита. Ако тоа не даде резултат се поведува спор до надлежен суд со поднесување на тужба.

И покрај барање за заштита од мобинг, на странките им се предлага посредување, како начин за разрешување на спорот, како и да изберат лице од листата на посредници. Доколку не постои согласност помеѓу страните и овластеното лице кај работодавачот за определување на посредник, овластеното лице е должно во рок од осум дена да достави писмено известување до двете страни дека не е избран посредник. Од денот на доставувањето или недоставувањето на известувањето, започнува да тече рокот од 15 дена за поднесување на тужба до надлежниот суд за заштита од вознемирување на работното место.

За разлика од мобингот кај нас во Македонија, како појава мобингот во Западна Европа, се третира мошне сериозно и институциите преземаат одлучни чекори за заштита на работниците, од пракса знаеме дека Македонија не може да се пофали од оваа област.

Кои институции се надлежни за заштита на работниците од мобинг

Согласно законот такви институции  се:

  • Државната комисија за спречување на корупција, 
  • Трудовата инспекција,
  • Народниот правобранител-Обдудсман-Contakt@ombudsman.mk
  • Хелшинскиот комитет за човекови права во Македонија
  • Транспарент Интернешенел Македонија  

и на крај се поведува постапка пред надлежен основен суд, како и Јавното обвинителство. Исто така, се запознаваат меѓународните институции за човекови права, и срествата за јавно информирање.

Од напред наведеното, се прашувам како ќе се справиме со приоритетот  за повеќето на пристапните преговори со Европската унија, кога на врвот на листата приоритет се поглавјето 23 – правосудството и фундаменталните права и поглавјето 24- права, слободи, функционирање на демократските институции итн. 

На потег се институциите. Ајде Македонијо повлечи!