Поврзани фирми од Струмица е најголем должник во стечајот на Еуростандард Банка

Отворено писмо од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард Банка.


Прва на листата на должници во стечајната маса е групација од поврзани фирми од Струмица според фактите од извештајот за стечајот на банката подготвен од стечајниот управник. Во своето портфолио на поврзани друштва оваа групација има 9 фирми од кои банката има сомнителни и спорни побарувања, кредити кои воопшто не се исплаќани повеќе минати години. Оваа групација должи фантастични 8 милиони и 250 илјади евра на банката во кредити кои се ултра ризични и во најголем дел ненаплатливи. Ова е само водечкиот пример, а вакви групации од поврзани фирми има повеќе. Организиран криминал од невидени размери.

Оштетените физички и правни лица депоненти на Еуростандард Банка се во потрага по вистината и правдата. Кој се стои позади овие фирми и во кои се џебови завршиле нашите пари од депозитите? Сопственикот и поранешен претседател на Надзорниот одбор на сега веќе затворената банка, Трифун Костовски, освен што ја призна личната вина и одговорност за сторениот криминал во банката, јавно изјави и дека нашите пари се делени за цели на владеачката политичка партија. Доколку е ова вистина, кој се учествувал во масовниот грабеж и во чии џебови завршиле нашителични пари преку криминалните шеми што се плетеле во банката со години?

Вистината мора да се открие, правдата мора да се задоволи. Ние не сме лопови, ние сме лојални граѓани на оваа земја, плаќаме даноци и допринесуваме за развој на економијата. Нашите пари се украдени на безкрупулозен начин, организирано и свесно. Државата не нѐ заштитила и бараме државата да нѐ обештети, а криминалците веднаш да ги смести таму каде им е местото и да им го заплени имотот. Воедно, државата мора да ги зајакне и контролните и супервизорски механизми на Народна Банка за да не се случува повторно грабеж и пропаѓање на следна банка. Ако тоа не се направи, тогаш само Господ може да помогне на оние кои чуваат пари во банка.

Продолжуваме да се бориме за вистината и правдата до нашата конечна цел!