(Интервју) Јовановиќ: алтернативниот филм оваа година на ТВ, бесплатно и без реклами

Вечерва започнува меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, кој пред се’ се базира на промоција и афирмација на дебитантските дела на младите автори од цел свет. Истиот фокус е и годинава, петта по ред. Оваа година „Киненова“ е отворен буквално за сите. Не се потребни ниту маски, ниту растојание, ниту пари. Од вечерва секој од својот дом, заедно со семејството, или пак сам, ќе има прилика да гледа филмови цел месец преку ТВ екраните, кои и не се веќе така мали, и тоа без реклами.

Под мотото „прво филм“ од вечерва започнува еднонеделната програма Киненова Ретро, а официјалната селекција ќе трае од 8ми до 18ти октомври.

По повод ова петто издание на Киненова, разговаравме со директорот на фестивалот, Небојша Јовановиќ.

Одлучивте во првата недела на фестивалот да направите една ретроспектива, односно да прикажувате филмови кои веќе биле прикажани на минатите изданија на Киненова, за какви тематики станува збор?

Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова
Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова

Одлучивме за малиот јубилеј да им подариме на гледачите ретроспективна програма во склоп на која ќе бидат емитувани одбрани филмови, би рекол најдоброто, специјална селекција од изминатите четири фестивалски години на Киненова, повеќето наградени.
Тематски филмовите се прилично разнолики, има сериозна пост воена драма, семејни драми, социјални тематики кои обработуваат многу актуелни теми како булингот и.т.н. Сублимирано, оваа програма прави ретроспекција на најдорбите први или втори филмови на режисери од цел свет за минатите 4 години. Со оваа програма ја воведуваме публиката во она што е Киненова. Сите знаеме колку моќен и достапен медиум е телевизијата. Тоа ни ја дава шансата, но и одговорноста да понудиме само квалитет кој треба да дојде до секој дом. Во таа смисла сакавме сите да видат што работевме и што селектиравме минатите години.

Која е предноста, а кои се недостатоците со кои се соочувате поради оваа ситуација, кадешто наместо во кино со влезници, филмовите ќе се прикажуваат на ТВ, без пари, што колку и да е приморано, звучи како една новост, која е за поздравување, не само што натеравте една телевизија да прикажува различен филм од холивудскиот розев свет, туку и го направивте тој поразличен филм достапен за сите?

Така е! Морам и задоволство ми е да истакнам дека сум изненаден од отвореноста, срдечноста и спремноста на една телевизија да поддржи еден ваков би рекол дури и алтернативен фестивал. Во оваа прилика убаво е исто така да кажам дека ТВ24 континуирано го поддржува нашиот фестивал уште од самиот почеток, и ова треба да се поздрави. Тимот на ТВ24 покажа целосна свесност за тоа што е филмски фестивал и што е уметност и култура. И дури и самите нагласија дека нема да инсистираат на реклами, барем во официјалната селекција. Значи во официјалниот дел од програмата од 8 – 18 ти октомври кога ќе се емитува целата фестивалска содржина, ниту една реклама нема да го прекине филмско уживање на вас гледачите и филмските приказни ќе ги следите без прекин.
Тука е важно да споменам дека фестивалот нема да се случува во некој спореден тајминг, туку во ударни вечерни термини цел еден месец. Вечерашнава проекција започнува во 21ч.

Киненова прикажува филмови од цел свет, кои се прилика за комуникација меѓу различни култури и општества со различен социјален статус, што се’ ќе можат да видат гледачите оваа година во официјална програма после 7. Октомври, има ли еден фокус околу кој е направена селекцијата?

Селекцијата е правена првично со критериум за добар филм. Но, тоа не беше единствениот. Како и секоја година ние повлекувавме програмски дијагонали по повеќе основи. Програмата ја правевме така да е тематски шаренолика, да донесеме филмови од што повеќе различни култури во светот, но најмногу се трудевме да доднесеме филмови кои храбро се бават да ни’ откријат актуелни, некаде и скриени теми од јавноста. Филмот не е ниту елитизам, ниту ескапизам. Може и тоа да биде, но тоа за нас не е, а ниту во суштина е тоа.
Ние сметаме дека филмот е една моќна алатка која доколку мудро ја користиме може да донесе еден подобар, поубав свет, или барем визија за тоа. Може барем да отвори прашања на таа основа. Доколку ја нема таа мисија, тогаш тоа не е филм, туку обичен корпоративен продукт за конзумација и задоволување на најниски инстинкти или играчка за себепромоција. 
И затоа не случајно ставаме посебно светло на делото и животот на Билјана Гарванлиева. Сметаме дека тоа е светол пример како уметноста може да биде употребена за да се подобри состојбата на експлоатираните, сиромашните, работниците… Како може да се отворат тие тешки и длабоко потиснати теми пред јавноста, без да се калкулира со било какви лични придобивки или конфорности. Јас напросто се восхитувам што се’ Билјана направи за кратко време. Мене лично секогаш ќе ми биде пример за вистински документарист и уметник.
Во таа смисла сакам да истакнам дека во сите програми има филмови кои имаат ангажирани тематики, но сепак оваа година доминира жената и угнетувањето на жените во разни делови од светот.

Колку годинава се застапени наши домашни автори, каква беше реакцијата на продуцентите и авторите што филмовите наместо на кино – платно, ќе се прикажуваат на ТВ екран?

Искрено не беше толку лесно како што можеби изгледа. Беше потребен долг период на преговори, кој траеше околу 6 месеци, за да се уверат и продуцентите, режисерите и дистрибутерите дека е безбедно да се прикажат нивните најнови филмови на една македонска телевизија. Моравме да задоволиме многу критериуми и да им дадеме сигурност дека емитуваниот сигнал нема да излезе од територијата на Македонија. Во таа смисла можеби треба уште еднаш да се нагласи дека ова е една ретка ексклузива, да имате филмови во програмата кои се наградени со високи награди на најголемите фестивали низ светот, од Торонто, преку Венеција и Берлин па се’ до Бусан и Токио во минатите две години и притоа да ги прикажете на локална телевизија. Конечно, морам да кажам дека во услови на ваква криза, некои и се радуваа на нашиот фестивал. Па така на темава, ќе кажам дека на наше огромно задоволство оваа година во натпреварувачката селекција ја продолжуваме традицијата да носиме филмови од толку потентната и квалитетна иранска кинематографија и ексклузивно ќе имам најнов ирански филм од оваа година, кој штотуку ја имаше и светската премиера на значајниот светски филмски фестивал во Шангај. Да не бидеме сватени погрешно, сепак овој потег значително чинеше и финансиски, но ние како тим решивме дека за петтата година ќе ги вложиме сите ресурси со кои располагаме само со цел да го подигнеме уште повеќе, сметам ионака високото ниво на фестивалот.
Македонските филмови ќе бидат застапени преку специјалната натпреварувачка селекција на Македонски куси филмови.

Како започна идејата и како опстојува Киненова, што им порачувате на институциите и одговорните функционери, кои знаеме дека не само што не се грижат за нашите домашни дела, особено оние кои ги обработуваат реалните проблеми на едно вакво класно раслоено општество, туку и самите филмски фестивали и воопшто кинематографијата ја гледаат како пазар, или алатка за личен профит?

Киненова е една приказна сама за себе. Киненова започна во моментот кога јас видов колку е тоа тежок пат да се направи филм, и колку е посебно тешко еден нов млад режисер да изнедри свој филм, бидејќи сум и режисер.
Се роди идејата од искуството. Имав луѓе кои многу ми помогнаа, но и оние кои не им беше важна мојата искрена љубов кон филмот и уметноста. Едноставно така беше, а јас им благодарам и на едните и на другите искрено. Таков е животот, полн со можности за учење и лекции.
Затоа ќе кажам, Ние одиме пат кој е само наш затоа што не калкулираме со ништо и не правиме компромис за уметноста. Јас сум многу среќен човек што минативе години наидов на истомисленици, или истите се појавија во мојот видокруг. Сметам дека е тоа голем благослов.
Да се вратам на фестивалот. Целта на Киненова беше да се изнедри еден целосно независен филмски фестивал каде нема да бидат во игра дистрибутерско – менаџерските математики. И мислам дека добро пливаме во таквите води.
Во таа смисла ниту прифаќаме сугестии за тоа некој филм да не треба да оди на нашиот фестивал. Она што е најважно според мене е слободата на изразување и слободното пласирање на уметноста, едноставно според заслуга и критериуми на квалитет.
Лично сметам дека во домашната кинематографија недостасуваат филмови кои обработуваат реални, животни приказни, а како што и самите знаете, едно толку длабоко класно раслоено општество како нашето, изобилува со истите.
Сепак, ние сме секогаш тука да ја поддржиме пред се’ домашната кинематографија и затоа во минатите годни беа прикажани и промовирани неколку долгометражни филмски остварувања.
А за оние кои ја сметаат филмската уметност за начин на себепромоција и завземање на позиција во општеството ние едноставно немаме нешто посебно да кажеме. Едноставно не се бавиме со нив. Си ја гледаме нашата работа, бидејќи сметам дека е тоа поважно инаку не би имале време да создаваме и конечно да направиме подобра реалност.

Што означува логото на Киненова, зошто баш црвена петокрака?

Петокраката е од неодамна, од пред две години… Затоа што го отсликува духот на Киненова, кој е револуционерен, партизански. Ние пред две години се боревме со закана за институционална цензура, по сите вести бевме топ тема затоа што одлучивме да прикажеме филм, кој институциите одлучија да го цензурираат. Многу турболенции поминавме, но сепак не се предаваме и продолжуваме понатаму со фестивалот на начин на кој знаеме и умееме.