Не очајувај, Левица доаѓа!

За Левица ќе слушнете сèшто. Ништо и никој не е совршен на овој земен свет. Но, да не се стремиме кон совршенство е смртен грев! Затоа, колку и да сте клекнати, понижени, обесправени, маргинализирани, угнетени… еј, работен народе македонски – крени глава, Левица ја направивме за тој стремеж кон совршенство! Ја направивме за вас, за нас, ја направивме за таа верба дека подобар свет е можен, дека подобар свет е нужен. 

Нека не ве уморува 30-годишната транзиција, нека не ви го зема здивот, нека не ве поколеба, нека не ве уверува дека сè е бесмислено, дека е сеедно, дека промената е невозможна, дека подобриот живот е далеку. Не, не бидете уморени, работен народе македонски, не бидете апатични, тие тоа го сакаат, тие на тоа се надеваат, тие тоа го очекуваат, тие на тоа работат. Впрочем, тие токму затоа и сакаат да ни ја земат секоја надеж, да ни ја угушат секоја трошка верба, да ни го овенат секое утопистичко стремење, да ни го закријат секој поглед кон врвовите, да ни ја исцедат секоја сила за возвишување… за да можат полесно и непречено да владеат, да крадат и пљачкосуваат без отпор. Нашата слабост е нивна сила. Тие стануваат моќни кога нас нè прават слаби. Затоа нè опседнуваат со национализми и етнонационализми, затоа ни продаваат антички приказни, затоа измислуваат внатрешни и надворешни непријатели, затоа продаваат рајски приказни за НАТО и ЕУ… – за да можат непречено да владеат со нас само за да си ги полнат џебовите!

Но, доста е! Доста им е, доста ни е. Доста бевме измеќари во сопствената држава, доста слугувавме на грст луѓе, доста ни ги празневте и душите и џебовите. Нè испустевте, нè иселивте, нè опустошивте, нè сотревте… Но, надежта не ни ја земавте! Не, не и надежта, не и вербата, не и уверувањето, денес посилно од кога и да е, дека мора да се стави крај, сега или никогаш, еднаш засекогаш. Тие или ние! Народот или елитите. Затоа, работен народе македонски, овие избори се нашата последна надеж, нашата последна битка, конечната пресметка помеѓу вас (народот) и нив (елитите). 

Затоа, драги мои, нека не ве поколебуваат со лагите за Левица во медиумите што ги поседуваат – те Левица била ВМРО, те била СДСМ, те биле вакви, те биле онакви… кога ги слушаш чиниш Левица е најголемото зло, чиниш Левица е 30 години на власт и е виновна за сите зла во оваа држава!? А ја хејтаат, ја мразат и оговараат токму заради самостојноста и бескомпромисноста. После неполни пет години постоење, Левица е пред вторите парламентарни избори на кои и овој пат, учествува самостојно. Да, по втор пат, Левица ќе се мери самостојно на македонската политичка сцена. Веќе тоа е доволно и достојно за почит! Кога ја хејтаат и мразат, имајте го на ум токму овој факт: Левица никогаш не била во ничија закрила, не седнала во ничиј скут. На минатите парламентарни изобри бевме „СДСМ“, на овие сме „ВМРО“; за едните основани сме со помош на ВМРО, за другите – со помош на СДСМ; за едните сме премногу леви, за другите премногу десни… Но, јас знам зошто ја хејтате. Затоа што не можете да нè имате, да нè поседувате! Ох, колку и едните и другите сакате да сме или ВМРО или СДСМ. Оти, вака сме „ирационален остаток“, непозната, едно големо X во вашите лукративни бизнис-планови, пречка на патот на вашето пустошење и крадење на нашата татковина. Затоа се мрази Левица. Затоа што не сакаше и не сака да направи компромис! А така е и во животот и во заедницата – оние бескомпромисните, оние кои сами го чекорат патот, оние кои не се обзираат кон секое куче што лае на нивниот од кон врвот, се омразени, затоа што тие не се вклопуваат, тие се изопштуваат. Тие се сонувачите, тие се талкачите, тие се верниците. Оние што не се откажале, оние кои биле доследни на нивните соништа! Левица била и останала таква. 

Затоа, Левица е искрата надеж! Затоа што Левица опстои и ќе опстои во зачувувањето на својата независност. Затоа што само така, само со бескомпромисност може да се донесе промената. Затоа што нејзината младост сè уште верува во сопствените идеали. Затоа што не дозволивме да нè уморите во овие 30 години бесконечна транзиција. Затоа што не дозволивме да нè извалкате во вашето гнасно мочуриште од лаги, измами и интриги, да нè прпелкате во калта на вашите псевдополитички свињарии. Затоа што не сакаме да сме во вашата смрдлива кавази-економска коњушница. Затоа што веруваме дека не се заблуда идеалите на младоста, дека тоа само вас уморот на староста ве залажува. 

Затоа Левица расте! Затоа на овие избори ќе порасне до парламентарна партија. Партија која ќе ја донесе промената. Верувајте во промената, драги мои, не очајувајте. Не бидете апатични, не бидете тажни, вратете ја вербата – промената доаѓа! Промената е можна, драги мои, можна е со нови и полетни сили, со млада и непоткуплива генерација која е калена во суровите услови на транзицијата. Левица нема багаж, нема опашки, Левица нема потреба да прави компромиси, нема потреба никому да се додворува, никому нема долгови за исплаќање, пари за враќање, криминали за криење. Лицата во Левица не се функционери, од никого ништо не украле, не излажале, не скриле. Голем дел од нив имаат свои кариери независно од политиката, успешни се во своите средини независно и често наспроти партиите и политиката. Левица нема потреба од компромиси, тајни договори, матни зделки. Левица не е за продавање, затоа што немаме што да продаваме. Нема за купување, тргување, слугување.

Бидете такви и вие, гордо, достоинствено и свечено на 15-ти јули вашиот глас дајте го за Левица. И верувајте – во себе, во нас, во иднината што доаѓа! Не очајувај. За тебе зборува оваа приказна.

Организирај се, не потклекнувај! Приклучи се!

Најдобрите денови се оние кои сè уште не сме ги проживеале!