Малите бизниси, големите партии и кампањата

Особено важен момент кому му е посветено минимално внимание претставува прашањето: Што се случува со малите бизниси за време на изборните кампањи?

Првото прашање кое мора да се разјасни е кои групи на луѓе најчесто започнуваат мал бизнис? – Генерализирам и ги разделувам на две (старосни) групи:

1. Возрасна група: луѓе кои се уморни од неправди и експлоатирање во приватен сектор, со храброст да ризикуваат и способност да влезат во битка со многу посилните од нив во одредена сфера.  Главна цел е обезбедување сопствена (семејна) егзистенција. Најчесто оваа група луѓе во бизнисот ја вложува целата семејна заштеда, често продава недвижен имот создаван неколку претходни поколенија и не’ ретко се задолжуваат со уште некој кредит.

2. Млада група: луѓе до, или, околу третата деценија од својот живот, паметни и амбициозни, завршиле високо образование, државниот систем не им понудил егзистенција, а камо ли работа соодветна на образованието. Истите тие заминале преку граница, некаде на запад, да заработат нешто повеќе. Живеат штедејќи секој ден, за да се вратат овде, дома во Македонија. Својата заштеда ја вложуваат во основање на мал бизнис за да го работат она што го научиле во образовните клупи или на печалба.

Оние кои се занимаваат со мали бизниси се луѓе од работничката класа која нема свое работно време и, наместо да го работат својот  занает и да бидат најдобри во тоа, тие се административци, економисти банкари… „со девет занаети истовремено“. Она што го даваат тие на државата е бесценето, не се’ невработени, сами обезбедуваат сопствена егзистенција, не (сакаат да) зависат од „системот“, плаќаат данок, придонеси и милион дополнителни давачки. Истовремено, нивниот индивидуален успех служи за нечија пофалба околу намалувањето на невработеноста.

Главниот проблем со кој се соочуваат е секојдневната правна инфлација, која им го гине времето по бирократските институции, само заради некоја бедна регулатива од која никој никогаш не видел фајде. Постојано наметнување на нови давачки и зголемување на старите, без никаква гаранција или помош како резултат на исполнување на истите. 

Она што нив им е потребно е едноставна законска регулатива која нема да ги „тормози“ на секој чекор, еднаква можност за развивање и проширување на бизнисот, и каква-таква гаранција дека ако нешто тргне наопаку ќе имаат некаква државна помош за да преживеат. Но, не дај боже нешто да тргне наопаку, државата ќе те нокаутира со давачки и бирократија, а банките ќе ти земат се што имаш и на крај должен ќе им останеш.

Речиси никој не е задоволен од условите и атмосферата за работа која им е обезбедена од државниот систем управуван од трилатералата СДС, ДПМНЕ и ДУИ.. Но зошто никаде не можеме да го слушнеме нивниот крик? – Освен што е познато дека во капитализмот секогаш „големите риби ги јадат малите има и друга, со претходнава причина сосема комплеметарна. Едноставно тоа е фактот што, оние кои треба да ги заштитат нив се лесно поткупливи, а сам да влезеш во таква битка е еднаква на лудост.

Се чини дека изборните кампањи би можеле да бидат основ за тие да можат да лобираат (издејствуваат) и подобрат некоја своја позиција. Но тоа во пракса го нема. Државата е спремна да преговара за национални или идентитетски прашања, со мафијата или олигархијата, за криминалот или аферите, но не е спремна да преговара и да ги подобри условите за работа (живот) на оваа група граѓани.

Најголем дел од општеството ни живее во микро средини, а сепак, наместо ваквите бизниси да се негуваат, помагаат и надоградуваат, имаме сосема обратен феномен. Овие луѓе се замолкнати, затоа што нивното кревање глас не се сфаќа како потреба за нешто да се промени во системот, туку се гледа како политичка критика кон едните или кон другите, та заради тоа се изложени на мал милион закани по лебот, по егзистенцијата.

За жал, трагедијата на македонското општество не запира овде – иронијата ја достигнува својата кулминација кога носители на закани по нечија егзистенција се „ботовите“ кои често имаат тенденција да го менуваат „партискиот дрес“ како резултат на својата (не)умешност, па „шлепањето“ на сопствената „кариера“ во администрација е идеал кој носи комодитет и убавина за таквиот вид амбициозност. Живеењето во микро средини (Св. Николе, Ресен, Делчево) само го олеснува начинот на вршење на вакви притисоци каде инспекторите се „алфа и омега“ која удира по работничката класа, но никогаш по олигархијата.

Како резултат на ваквите негативни феномени, сакам да укажам на еден застрашувачки момент кој не’ ретко е пракса во „микро средините“. Имено, оваа група на гласачи (луѓе кои преживуваат од малите бизниси),  одлуката за гласање ја донесуваат во последните денови пред изборите. Нивниот глас најчесто не е резултат на политичко убедување, или верување во одредена програма, туку е резултат на следење предизборни анкети. Оваа група луѓе најчесто гласа за „потенцијалниот победник“ (според нивниот субјективен суд, а оттука потребата од следењето на предизборните анкети). Зошто? – Поддршката на потенцијалниот победник би требало да обезбеди (по изборите), намалување на секојдневниот притисок, стрес, закани, инспекциски контроли итн.

Ова не го гледам како избор „за подобро утре“, туку како на избор за „помало зло“. Вакви „феномени“ во кои избирачите се оставаат без избор имаме речиси во секоја сфера.  Насушно ни е потребно да излеземе од овие „стеги“ и создадеме систем во кој власта ќе биде на народот, затоа што предолго е во рацете на политичките партии.