Најава од САД за нови санкции врз Венецуела

Обидите на САД да ја дестабилизираат Венецуела за време на пандемија продолжуваат, додека Вашингтон планира да ги стави на црна листа венецуелските бродови за транспорт на нафта, се вели во извештајот на Ројтерс објавен во вторникот. Ваквите најави за санкции од американската влада се уште еден обид за редуцирање на главниот извор на приход за оваа јужноамериканска држава.

„Ова се конкретни докази за криминалниот напад од страна на Вашингтон. Тие го напаѓаат срцето на венецуелската економија за да ги спречат приходите на државата за увоз на храна, лекови, третмани, добра и услуги. И го прават тоа во сред пандемија. Ова е напад врз сите Венецуелци“, напиша на Твитер венецуелскиот министер за надворешни работи, Хорхе Ареаза.

Претходните американски санкции го сведоа извозот на венецуелска нафта на најниско ниво во последните 17 години и ја продлабочи економската криза во земјата, но претседателот Николас Мадуро продолжи да ја ужива поддршката од венецуелскиот народ, што дополнително ја фрустрира администрацијата на Доналд Трамп.

Некои компании веќе започнаа да ги пренасочуваат своите танкери со цел да ги избегнат санкциите. Ваквиот потег од САД следи откако неколку земји најавија поддршка за Венецуела, како што беше случајот со пристигнатата помош од ИР Иран. 

Во меѓувреме, Венецуела ја даде владата на Доналд Трамп пред Меѓународниот кривичен суд за ваквите незаконски присилни мерки во услови на пандемија, при што поднесе докази за кршење на меѓународното право и човековите права на венецуелскиот народ од страна на САД.