И Македонија воведува санкции против Турција?!

Пишува: Мелпомени Корнети, поранешен амбасадор во Турција.


Со оглед на фактот дека до објавувањето на овој текст нема демант на информацијата, може да се смета дека во сенка на актуелната „корона вирус“ ситуација, македонската влада одлучила да се приклучи кон санкциите на ЕУ спрема Турција, поради „истражувањата на наоѓалишта на природен гас во Медитеранот“, на територија  на слободна економска зона на Р. Кипар. Според шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел, македонската влада, како и оние на уште неколку земји кандидати, ќе ја прилагоди националната политика на одлуката на ЕУ.

Тоа значи дека македонската влада „ќе обезбеди“ нашата надворешна политика да биде во согласност со одлуката на Советот на ЕУ за воведување санкции против Турција. 

Не е ова единствен случај поврзан со унилатерални санкции кон трети држави, а наши докажани пријатели, кон кои Македонија се приклучила од осамостојувањето до денес.  Така беше со санкциите кон Иран, со поддршката на „воспоставувањето демократија“ во Венецуела итн. Сепак, последната одлука – придружување кон санкциите спрема Турција е врвен доказ за незрелоста на македонската надворешната политика.

Но, имаме ли ние воопшто обмислена надворешна политика!? И покрај постојаното декларирање дека националните интереси се пред се’, освен познатиот став за „безалтернативност на членството во НАТО и ЕУ“ и безрезервното следење на сите одлуки, насоки, препораки на големите, тешко е да се сетиме на друг постулат… 

За креаторите на нашата (недефинирана) надворешна  политика наједноставно е – држи се за безалтернативноста, слушај без поговор.. без сопствен став, без оглед на спецификите и националните интереси во билатералните односи на нашата со конкретни држави. 

Па така, во случајов, како да се заборава дека:

-Турција меѓу првите ја призна независноста на Република Македонија и прва воспостави дипломатски односи; 

-Го бранеше уставното име Република Македонија на сите официјални настани низ светот;

-Целосно ги поддржуваше евроатлантските интеграции на Македонија;

-Потпиша спогодба за стратешко партнерство со Република Македонија по ветото за членство во НАТО во 2008; 

-И без последнава спогодба, редовно ја поддржува/ше Македонија на планот на образованието (на кадри за одбраната, здравството); доделуваше техничка помош за нашата војска и за други области; на телефонски повик испраќаше авиони за гаснење на летните пожари, додека тие бесенеа и во Турција; донираше околу 5.000 вакцини при една друга епидемија, кога и во Турција беа потребни…;

-На економски план, Турција не доби шанси како некои други држави за инвестирање во „стратешки сектори“, но, за рекордно време го изгради скопскиот аеродром , и покрај неизвесноста околу неговата профитабилност.. А замислете го аеродромот да не успееше тој тендер!

Има уште да се набројува, но, само за потсетување – децениски одличните билатерални односи меѓу нашите две држави се базираат и на големата турска заедница во Македонија, која без исклучок  ја потврдува својата лојалност кон државата, а е нераскинлива врска со пријателска Турција. Во нормални околности, овдешните Турци треба да имаат свое влијание при носење на одлуки што ги засегаат односите со нивната матична држава. Се запраша ли владата – што мислат тие за овие санкции?

Уште една напомена – во меѓународните односи (макар и само на хартија), сите држави се рамноправни. Од тука произлегува и принципот на реципроцитет. А сериозни држави имаат и институционална меморија, па некогаш простуваат, но не забораваат.

И, во духот на народната мудрост, за илустрација на овој случај одговара поговорката – „Нов бунар копај, во стариот не плукај“


Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на редакцијата на Антропол.