Уште една странска компанија од Кичево не ги почитува препораките на владата

И покрај алармантноста и експоненцијалниот пораст на заболените од корона вирус во Македонија, голем дел од фирмите се’ уште не обезбедуваат ниту минимална заштита за работниците.

На социјалните мрежи се рашири фотографија од странската компанија „Џојсон сејфти системс” (претходно „Ки сејфти системс”) каде 1000 работници незаштитени чекаат пред погоните. Во дел од коментарите пишува дека никој од работниците не е заштитен со маски и медицински ракавици и доколку работниците се побунат, веднаш шефовите се закануваат дека ако не постигнат норми, ќе работат цела вечер.

Се работи за американска компанија за која во 2017 година медиумите објавија дека неколку работници биле избркани затоа што синдикално се организирале. Тогаш работниците реагираа дека работат и прекувремено за плата од 10 000 денари.

Според Службен весник од 2014 година, на „Ки Сејфти Системс“ им било дадено земјиште кон крајот на 2014 во Кичево со право на користење од 95 години, по 0,1 евро од метар квадратен, односно 4.215 евра за една година. Со одлука на Влада од февруари 2015, оваа фирма  добива и државна помош, меѓу кое е и грант за 2015 и 2016 година за отворање работни места. Државната помош опфаќа и:   

-Ослободување на плаќање данок на добивка за 10 години;

-Ослободување од плаќање персонален данок на доход на платите на вработените за 10 години;

-Ослободување од плаќање ДДВ на увозот под услов да не е наменет за крајна потрошувачка;

-Царински ослободувања и олеснувања;

-Ослободување од плаќање надоместок за уредување на градежното земјиште;

-Ослободување од обврска за поднесување гаранција како инструмент за обезбедување царински долг;

-Грант во готовина за покривање на учество во трошоците за изградба на објектите на подрачјето.