Италијанците гневни на ЕУ – помош добија само од Кина, Куба и Венецуела

Каков е тој пријател кој не ти помогнува кога е најпотребно? Ова е прашањето кое Италијанците си го поставуваат откако земјата не доби никаква помош од Европската Унија, а уште помалку од НАТО во борбата против коронавирусот. Наместо од своите сојузници, Италија првата и засега единствена помош во борбата ја доби од “диктатурските” Кина, Куба и Венецуела.

Лекари од Куба и Кина пристигнаа во Италија

Иако со доза на скептицизам, сепак помошта од овие три земји Италијанците ја примија со радост. И покрај тоа оваа вест беше маргинализирана кај многу влијателни италијански новински медиуми.

Faro di Roma е еден од италијанските интернет сајтовите кој со големо внимание ја проследи информацијата за испраќањето на помош од Кина, Куба и Венецуела прикажувајќи ја истата особено низ призмата на политиката и политичките односи на овие земји со Европската Унија и САД. 

“Од политичка гледна точка ова ве тера да се насмеете кога гледате како хунтата на Лигата (Лига Норд е политичка партија во позиција во Италија) помош добива од земји кои според нив отсекогаш биле сметани за крвави диктатури кои ги кршат најосновните човекови права” пишува Андреа Пучо, новинар во Faro di Roma. Тој потсетува дека токму актуелната политичка владеачка елите (Лига) настојуваше да го признае Хуан Гвајдо како легитимен претседател во земјата па оттука се поставува прашањето зошто помошта ја побарале од Николас Мадуро, а не од Хуан Гвајдо.

“…Конечно, ако кубанските и венецуелските лекари пристигнаa во Италија, што ќе каже Трамп? Претседателот на САД одамна започна крстоносна војна против кубанските лекари во јужноамериканските земји обвинувајќи ги за ширење на комунистичката и марксистичката идеологија. Тој отиде дотаму што ја измисли веста дека кубанските здравствени работници не им давале третман на оние кои не се изјаснувале како комунисти. Ако ова беше точно, во Ломбардија лекарите (од Куба) ќе немаа работа (алудирајќи дека ретко кој би се истакнал како комунист). Настрана иронијата, мислам дека некои официјални претставници на американската амбасада дури помислија дека Лигата одеднаш станала комунистичка” додава Пучо.

Правејќи паралела помеѓу капиталистичките и социјалистичките земји, овој новинар заклучува дека здравствениот систем во овие вторите земји е далеку поуспешен. За тоа говори успешноста во борбата на Кина против коронавирусот, историски добрата кубанска медицина, како и несебичноста и солидарноста на Венецуела.

Италијанскиот амбасадор во ЕУ, Маурицио Масари претходно се пожали дека ниту една земја членка на Европската унија не одговорила на повикот за помош од неговата земја. Од друга страна тоа “неповикана” го направи Кина која минатиот петок испрати медицински тим и 30 тони медицински материјали, вклучувајќи и респиратори.

Европската Унија како синоним за солидарност и заедништво уште еднаш го покажа своето право лице, оставајќи ги земјите како Италија и Шпанија самите да се борат со оваа епидемија која згасна повеќе од 2 илјади животи.