Рацин за јазикот: Тоа е голема сила на народот

Коста Солев Рацин за Јазикот – тоа е голема сила на народот, на нацијата.


Да му го земеш јазикот, тоа значи да му ја земеш душата, да го лишиш од неговиот национален персоналитет. И таа забрана овде (во Кралството Југославија, б.н.) и иста таква забрана во „бугарска“ Македонија, и во Грција – тоа е сè борба за душата на македонскиот народ, но не за тоа таа да се развие, туку да се уништи. И тука има едно фантастично совпаѓање: трите балкански буржоазии се единствени во нешто – во тоа да се одрече, а потоа да се уништи македонскиот јазик за да се избрише македонскиот народ како национална индивидуалност…

Ете и историјата сакаат да ни ја скријат, да ни ја земат, за да ни ја земат душата, за да докажат дека сме племе без историски континуитет. Народ кој нема свое вчера, кој нема свое денес, не може да има ни свое национално утре. Ете, нашето вчера треба да исчезне за да се стопи нашето денес и за да се избрише секоја мисла за нашето утре. А континуитетот постои – континуитет на маки и страдања, но и континуитет на отпори, борби и еден чудовишен континуитет на национална отпорност и на народна жилавост.