Шеќеринска и Бонбоните

Пишува:
Мартин Димоски

Бонбоните (шеќерчиња) потекнуваат уште во Античка Индија. Персијците, а потоа и старите Грци започнале да ги применуваат,  најпрво како лек, а потоа и како неразделив дел од секојдневната исхраната. Сепак, индустриската револуција е најзаслужна за популаризацијата на глобално ниво и тоа во форма која и денес ја знаеме.

Популарноста на овие простори, особено во Македонија започнува пред Втората Светска војна, но и потоа, кога главен амбасадор беше фабриката Европа и останатите фабрики ширум тогашна социјалистичка Македонија.

Меѓутоа по осамостојувањето на Македонија главен протагонист на бонбоните во секојдневниот живот на Македонците е Радмила Шеќеринска.

Нејзината кариера во кондиторијата, а особено во производството на горчливи бонбони за широките народни маси, започнува во не така далечната 2006 година. Тогаш, Шеќеринска, заедно со “технолозите” Црвенковски и Бучковски успеаја да создадат органски бонбони кои потоа се покажаа како високо диетални, идеални за брзо слабеење на обичниот граѓанин на Македонија и неговиот скромен буџет.

“Ова ќе биде бонбона бизнис” е најпрепознатливиот маркетиншки слоган кој успешно го лансираше таа 2006 година. Тогаш бонбоните кој наликуваа на вкусните австриски Моцарткугел доаѓаа во 1+1 пакување со новата надеж за пристап кон Европската Унија. Ова барем го тврдеше и Шеќеринска, но и ММФ како и комерцијалистите за продажба предводени од Бесими, Гошев, Поповски…

За жал овие бонбони беа успешно конзумирани од населението кое подоцна цената ја плати со повисоки сметки за струја.

Сега по нешто повеќе од 10 години повторно Шеќеринска, и повторно во лабораторијата на Бихаќка, но овој пат со домашни состојки од струмичкото поднебје, подготви нови бонбончиња. Истите се спакувани во темно сини кутии со натпис “За НАТО, со љубов” прокламирајќи ги лажните вредностите на безбедност, сигурност, просперитет и економска благосостојба.

Станува збор за 150 бонбони во форма на оклопни возила произведени во САД, а за кои државата (ти читателу, јас, и сите ние) ќе плати ни повеќе, ни помалку, туку 150 милиони евра односно по 1 милион евра за секое оклопно возило.

Останува нејасно која ќе биде намената на овие возила и против кого ќе бидат користени, особено ако се знае дека довчерашните непријатели број 1 на Македонија се дел од големото семејство на “пацифисти” исто како ние. Дотогаш, пробај да заштедиш барем 100 евра колку што минимум ќе го чини твојот личен буџет оваа бонбона, пари кои потоа ќе бидат користени за изградба на ѕидот на Трамп и бомбардирање на цивилно население на Блискиот Исток.