„Зошто станав комунист“ – Пабло Пикасо
Би сакал да ви одговорам со слика. Не сум некој писател, но бидејќи тешко се праќаат боите „по жица“ ќе пробам да ви кажам.
Моето членство во Комунистичката Партија е логична последица на мојот целокупен живот и сите мои дела. Бидејќи, можам гордо да ви кажам, дека сликањето никогаш не го сметав за уметност на проста забава или рекреација. Сакав со цртежот и бојата, бидејќи тие се моите оружја, да продрам што подлабоко во разбирањето на светот и луѓето, со цел тоа разбирање секојдневно да придонесува кон ослободување. Пробав, на мој начин, да го искажам она што го сметав за највистинско, најточно, најдобро и тоа, се разбира, секогаш е и најубаво, како што добро знаат најголемите уметници.
Да, свесен сум дека секогаш се борев преку своите слики, како вистински револуционер. Но, сега сфатив дека тоа само по себе не е доволно. Овие години на ужасно угнетување ми покажаа дека морам да се борам, не само со мојата уметност, туку и со целото мое битие. Па така, се зачленив во Комунистичката партија без двоумење, бидејќи во суштина јас цело време бев со неа.
Арагон, Елуард, Касе, Фугерон, сите мои пријатели добро знаат. Тоа што досега не бев формално член беше поради моето наивно верување дека е доволно што со моите ликовни дела и со моето срце сум со нив, но тоа отсекогаш била моја партија.
Зар не е Партијата онаа која најмногу се труди да го осознае и создаде светот кој ќе им овозможи на идните генерации да бидат со потрезно размислување, послободни и посреќни? Не беа ли комунистите најхрабри во Франција, СССР, или пак во мојата Шпанија? Како воопшто би можел да се двоумам? Поради стравот од обврски? Напротив, никогаш не сум се чувствувал послободен или остварен!
Сакам што поскоро повторно да ја откријам својата татковина. Отсекогаш бев во егзил, сега веќе не сум. Додека не ме прими пак мојата Шпанија, француската Комунистичка Партија ги рашири рацете за мене. Тука го пронајдов она што најмногу го ценам: најголемите научници, најголемите поети и сите оние прекрасни лица на паришките бунтовници.
Интервју со Пабло Пикасо во L’Humanite (весникот на Комунистичката Партија на Франција), 1944 г.