Доделена наградата за пазарен фундаментализам позната како “Нобелова награда за економија”
Денес беше доделена Нобеловата меморијална награда за економија, на триото Абиџит Банерџи, Естер Дуфло и Мајкл Кремер, поради нивната “експериментална теренска работа во полето на намалување на сиромаштијата”. Всушност, овие тројца научници се наградени за нивниот придонес во проширувањето на неолибералните пристапи во т.н. “развојна економија”, кои всушност никогаш не водат до развој, а секогаш водат кон голема нееднаквост, сиромаштија и неправедна распределба на државно и глобално ниво.
Не чуди што централно место во истражувањата на новите Нобеловци заземаат проектите на USAID, како студии за случај. Во едно од нивните истражувања тие го опишуваат методот на следниот начин: “Студиите на случај се засноваат на Портфолиото за иновации на USAID” и пресметуваат кои проекти имаат најголем ефект по вложен долар на USAID.”
Наградата всушност почнала да се доделува под притисок на Шведската народна банка, во 1969 година, односно во време кога и започнал да се шири пазарниот фундаментализам, кој соодејствувал со идеологија на централните банкари на Шведска. Потомците на Алфред Нобел често се бунеле за оваа награда, барајќи да престане да го носи името Нобел, а ја нарекувале “ПиАр маневар на економистите за да си ја подобрат својата репутација”.
Двајцата архитекти на неолиберализмот се добитници на наградата во седумдесеттите: Хајек (кој беше инспирација за Маргарет Тачер) ја освои во 1974, а Фридман (кој имаше клучно влијание врз Реган) во 1976.
Наградата поприкладно би било да се именува во “Награда за одржување на сиромаштијата и класната нееднаквост”. Таа покажува како вешто неолибералната идеологија се прикрива под превезот на науката. Пристапот на овој тип на “наука” е всушност копирање на природните науки. Па така, сиромаштијата се гледа како варијабла која е одделена од општеството и може да се истражува во изолација без земање во обзир на низа фактори како историскиот контекст, односите на зависност помеѓу економиите од центарот и перифериите, класните односи во општеството или империјализмот.
Сиромаштијата не е ебола за која треба да се најде лек. Изворот на сиромаштијата веќе е добро познат – тој е интегрална и неизбежна последица на капитализмот. Сиромаштијата ќе постои се’ додека владејачката класа има потреба од ефтина работна сила, a основен организациски принцип на светската економија е профитот и експлоатацијата.