АктуелноИнтернационалноЛокалноСтав

Комисија за Иднината

Став на Зоран Велковски, член на Централниот Комитет на Политичка Партија Левица


Доволно е да прошетате по улиците на Софија и да ги забележите новите зданија изградени во капиталистичкава ера, велелепни модерни згради со застаклени ѕидови, продавници на секоја улица, полни со секакви производи, нови автомобили, луѓе растрчани по својата работа.

Но, една слика нема да може така лесно да ви излезе од глава, а тоа е што на речиси секое ќоше има бездомници, клошари и питачи. Веројатно нема па да ве запрепасти фактот дека добра половина од тамошното население се има отселено во оваа капиталистичка ера од Бугарија, затоа што во сопствената земја ниту гледаат, а ниту имаат некаква нормална перспектива за нормален прогрес, каков што на пример имаат граѓаните на северна Европа.

Дополнително загрижува/ужаснува фактот, што во XXI-от век тамошните политички елити не можат да се соочат со тоа дека во Бугарија постојат етнички малцинства на кои треба да им се овозможи слободно да ја негуваат сопствената култура и традиција, како и да им се овозможи да го изучуваат сопствениот јазик, барем во основното образование.

Во Република Македонија е многу слична состојбата на економски и социјален план, со тоа што на некој начин не се дозволи толкаво отселување од земјата заради тоа што ЕУ има затворени граници за нашите граѓани, па така од овде се имаат отселено окулу 500 000 граѓани (податок од Светска Банка), така што до денес се имаат отселено само четвртина од македонските граѓани.

Од друга страна, прашањето за малцинствата во Македонија отиде во сосема друга крајност, а тоа значи дека учеството со етнички квоти во администрацијата удри директно на професионалниот квалитет кој го поседуваат државните службеници.

Што се однесува до најсиромашните во Македонија, од директен контакт со наши постари бездомници кои живееле и во претходниот социјалистички систем, дознавам дека тогаш и они подобро живееле. Не е ни чудно тоа. Кога има за мнозинството, има и за најбедните.

Сето ова укажува на тоа дека се потребни промени и во Бугарија и во Македонија. Потребни се нови политичари и политики. Потребни се политики кои ќе работат на поврзување (инфраструктурно, културно), затоа што во крајна линија Гоце Делчев ниту загина за капиталот на Зоран Заев, ниту загина за капиталот на Бојко Борисов, но загина за социјализам и во Македонија и во Бугарија и на Балканот и во целиот свет.