Исмаил: Законот за јазици е алиби на власта за сиромаштијата
За законот за јазиците први иницијатива до Уставниот суд доставија од партијата Левица пред 8 месеци. Тогаш го спореа начинот на кој беше донесен, со, како што велат од партијата, договор меѓу владејачките коалиционери ДУИ и СДСМ, со грубо кршење на сите процедури. Сега, забелешките од Венецијанската комисија според Левица не можат да ги доловат политичките моменти со кои се соочува Македонија.
Во изјава за вестите на ТВ Алфа, членот на Президиумот на Левица Реџеп Исмаил изјави дека идејата за двојазичност ја подрива унитарноста на Република Македонија и дополнително системски го сегрегира народот. Ваквата иницијатива е резултат на експанзионистичкиот изблик на албанскиот национализам и служи како алиби на власта за сиромаштијата. Законот е лажно претставен како унапредување на културните права на заедниците, додека нивното достоинство секојдневно се губи во бедата и екстремно лошата социјална состојба на поединците кои се дел од тие заедници. Исмаил истакна уште и дека беспредметно е да се зборува за било каква правда додека не се воспостави социјална и економска правда.
,,Венецијанската комисија нема чувство за политичките моменти во нашето општество, во контекст на сегрегацијата што ќе ја направи овој закон. Да, таа има забелешки, но апсолутната некритичност кон надворешните институции од овој тип е политички штетна и незрела за нас. Има многу повеќе негативни моменти што може да ги предизвика законот од тоа што Венецијанската комисија го забележа.
Имено, Законот за двојазичност има обратна логика од она што власта се обидува да го претстави. Односно, Заев имаше една изјава дека законот е направен за подобро разбирање, а во суштина – обратна е логиката: законот за двојазичност дополнително, систематски го сегрегира општеството по етничка линија – изјави Реџеп Исмаил од Левица за „Алфа“.
Пред десеттина дена тие доставиле ургенција до Уставен суд оти 8 месеци молк за прашање од ваков интерес е надвор од сите стандарди.
,,Уставниот суд се уште молчи за законот за јазици, веројатно заради тоа што е под директно влијание на власта. Инаку законот има апсолутно националистичка идеја, односно е обид ДУИ да претстави пред албанските гласачи дека се бори за некаква нивна правда, и да, во право е Заев џабе е било каков закон ако нема економска и социјална правда” – дополна Исмаил.