28 години зависност од НАТО, ЕУ и газдите

Недела наутро. Станата од 7, спремаш доручек и ручек за мажот и децата, уморна после 6 дена работа на црно по 12 часа за помалку од минималец. Треба и да зачистиш, да пуштиш машина за перење, да одделиш скоро цела плата за сметките што пристигнале.

Мажот ти спие. Трета смена работел во фабрика, некој денар повеќе од тебе прави, па ти се понаша ко да си најголемо ѓубре и безвредна. Пазиш да не го разбудиш, пошто ќе вика. Не е он крив – газдата удрил по него, он по тебе, ти по децата. Сите би сакале да е поинаку, ама страв ви е да се побуните. Ради децата.

Тие, пак, стануваат, јадат, и се фаќаат за работа низ градината. Треба да се среди земјата, за да може да се рине кога ќе падне дожд. Октомври иде, мора да се сади есенскиот лук, не може и на тоа да се фрлаат пари. Ќе учат за школо ако има време. Не е ни битно, не е дека имате пари на факултет да ги пуштите.

Накај 2 саат, додека се готви ручекот, ќе пуштиш телевизија. Некој “новопечен” газда што ги наследил парите од татко му, кој крадел во транзицијата, црвен буржуј што мака не видел во животот, збори како многу им било тешко на богатите. Даноци, нормално. Многу милиони правеле, па кога ќе пресметаш 10% на тоа, се собираат многу стотици илјади данок. Ама добар стопанственик е, му се трудат многу работниците како тебе, па затоа има. Сосема фер, нели. Ти иде да пукнеш од мака, ама ако кажеш некому, ќе те направат лакома, завидлива. Ќутиш, собираш во себе.

И накај 4 седнувате на ручек сите заедно, да го прославите #8Септември, денот на независноста. А се осеќате позависно од кога било, ко ситни и безлични запчаници во огромна машинерија за профит. Прекипано ви е, па насмевка ви носи само веста за работникот што го запалил BMW-то на газдата. Така и вие, некој ден, на вашите газди. Така и сите ние, некој ден, на своите газди, а после ќе бидеме навистина независни. И среќни.


Став на Јован Крајевски, член на Президиумот на Левица, превземен од Facebook.