„Прва петолетка“ – некогаш пред стечај, но закупена од работниците денес прави милиони

„Прва петолетка“. Некогаш водечка индустриска компанија во Трстеник, по распадот на Југославија праоѓа низ неколку неуспешни обиди за приватизација. Пред три години конечно банкротира и остави неколку стотици работници во навидум безизлезна ситуација.

Но, работниците на оваа компанија за производство на хидраулици и пневматици, не седеа со скрстени раце. Од социјалната програма од која што добија надомест од државата, 677 работници вложија по 60,000 динари и ја закупија фирмата, задржувајќи ги нејзините клиенти и опстојувајќи на пазарот. Денес, „Прва петолетка“ брои преку 900 вработени.

„Прва петолетка“ е приказна што ја подрива општо распространетата мантра за неспособноста на работниците и мистичната моќ на газдата без кого тие не можат. Овие работници, еднаш на раб да станат стечајци, денес и пркосат на доминантната идеологија, покажувајќи на сите дека тие без својот газда и тоа како можат да бидат успешни.

„Условите се одлични. Сега имаме и греење. Работам веќе 36 години во оваа иста хала. Платата ни е редовна, значи ја добиваме секој месец на ист датум. Сè е во ред“, вели еден од вработените, додека друг додава дека „важно е да се работи и да има што да се работи“. „Ако работиме, тогаш и ќе опстанеме“, велат работниците, свесни за тоа што го имаат и што можат да го изгубат.

„Прва петолетка“ од Трстеник денес извезува 80 отсто од своето производство во 36 земји ширум цел свет. Од продажба на пумпи, цилинди, хидраулични брави и резервари, минатата година забележаа приход од 12 милиони евра, а чистиот профит им изнесуваше 500.000 евра. Најголеми клиенти на „Прва петолетка“ се компании од Русија, Белорусија и земјите од Европската Унија. Минатата година го освоија и пазарот во Алжир. За потребите на рускиот Камаз, месечно во Трстеник се произведуваат 4.000 рачни пумпи за подигање на кабините и резервните тркала.

„Многу сме заинтересирани за нов кадар, да ја подмладиме старосната структура во фабриката која сега е доста неповолна“, вели Љубисав Пантиќ, директор на ДОО „Прва петолетка“, укажувајчи на тоа дека фирмата е во подем, но и дека е потребно да се вработат и млади луѓе. „Овде работниците во просек имаат педесетина години и неопходни ни се млади работници кои ќе ја носат иднината на овој колектив“. Минатата година тие примија 25 нови работници, а во моментов, во рамки на дуалното образование, 15 ученици од Трстеник се на пракса кај нив.

Работниците од „Прва петолетка“, кои израснаа во општество кое што го пропагираше работничкото самоуредување како економски модел подобар од капитализмот, во денешниот капитализам покажуваат колку вистина имало во тоа. „Прва петолетка“ денес ќе беше пропадната фирма, а работниците ќе беа на улица, ако судбината на компанијата беше препуштена на „невидливата рака“ на пазарот. Наместо да се соочат со таква иднина, работниците од „Прва петолетка“ сложно ги земаа работите во свои раце и денес се светол пример за тоа како поинаку, похумано и поефикасно можеме сите ние да функционираме.