Апасиев: „Условената” оставка на Јанева е нов изум во правото

Во вчерашното гостување во вестите на ТВ Алфа, членот на Президиумот на Левица, Димитар Апасиев, зборуваше по повод најновите случувања во СЈО и апсењата на Катица Јанева. Во дел од своето интервју тој се задржа на депонираната оставка од Катица Јанева и какви правни последици предизвикува истата, со образложение дека оставката во ниту еден случај не може да биде условена, туку мора веднаш да стапи во сила.

Апасиев објасна дека Законот за јавни обвинители предвидува престанување на мандатот на јавниот обвинител кога тој самиот ќе поднесе оставка и во тој случај Советот на јавни обвинители носи решение, без да се впушта во материјална расправа или да навлегува во причините зошто тоа го побарал јавниот обвинител. Тој потенцира дека Претседателот на Советот изјавил дека нема добиено писмено барање, иако според објаснувањето на професорот, законот никаде не предвидува барањето да биде во писмена форма. 

Според Апасиев, доволно е што специјалната јавна обвинителка два пати изрично поднела оставка, која оставка е објавена и на официјалниот сајт на СЈО како државен орган. Тој исто така смета дека многу побрза постапка е Претседателот на Советот на јавни обвинители да иницира постапка за констатирање на оставката на Јавева, но дека најверојатно не постои таква храброст кај претседателот и целата процедура за оставката на Јанева ќе биде пролонгирана. Во продолжение е целото интервју на Димитар Апасиев со новинарот Горан Момироски.