АктуелноЛокалноСтав

Социјализам – топ тема во културата

Одлични поенти беа кажани на дебатата за рокенрол на Топ Тема на Телма, каде гости беа Влатко Стефановски ( одличен автор и инструменталист, еден од малкуте кои успешно го внесе македонскиот фолклорен мелос во македонското рокенрол творештво), потоа Владимир Мандичевски – Манде (одличен менаџер, еден од ретките ако не и единствен со професионална наобразба за работа во рокенрол индустријата, човек со изграден здрав и воспитан однос со музичките артисти “легенди”, оние заради и кои постои работата што ја обавува ), како и Тошо Филиповски (срцето и душата на историјата која се обидуваат да ја бутнат под тепих, историја на еден револуционерен дух, на време на промени, промени кои за жал не нѐ однесоа во позитивна насока).

И? Која беше главната поента која ни ја кажаа овие супер успешни луѓе?

Главната поента е, дека за да имаме рокенрол, треба да имаме и уредување во кое тој ќе живее. Воопшто, за да имаме било каква култура, потребно е да имаме здрава културна политика на која таа ќе се темели. Тројцата гости се потсетуваат на претходниот политички систем, време кога институциите функционираа и кога се водеше сметка за колективот, кога и по селата имаше културни настани.

Неспоредливо е тоа време со ова што денес ни се случува. Неспоредлив е и односот кон културната сцена тогаш и денес. Денес имаме понижување и кон сцената и кон културните работници, а исто и кон самите објекти на културата. Се руинира сѐ што е направено од народот – за народот!

Оттаму, воведувањето на исклучиво пазарни вредности во начинот на кој што функционираат институциите на културата доведе до тоа (во најголема мера) да се изгуби самата култура, самата од себе. Оној мал дел што колку-толку функционира остана да биде резигниран, да се укомодува во погрешниот систем или да бега што подалеку од овде. Денес културата, исто како и образованието и здравството, се достапни само за капиталистите. Животот е достапен само за нив и нивните скапо платени слуги од универзитетите, од институциите на државата.

Колку сме во погрешен правец отидени, кажува и тоа што СДСМ заедно со коалицијата со која што се на власт, успеаја дури и на уличните музичари/баскери да им ја укинат симболичната месечна надница од 3 000 денари која ја даваше градот, која се укина само заради тоа што тоа беше проект/некаков вид на решение, што го започнаа и работеа претходните власти. Наместо тоа, СДСМ организира НАТО-фест со поткупена таканаречена авангарда која наместо дотогашната рафта и анти-воена култура, согласно пазарната логика, беше принудена да продава натовска култура.

За разлика од владините апологетски културни работници, одлично платени за да ја пропагираат новата натовска култура, младината сѐ уште свири, пее, црта, танцува и создава уметност во ужасни услови со влага и болести, чиј труд останува непрепознаен и безвреден во културата доминирана од пазарот и капиталот.

Пари секако дека има, само приоритетите на елитните лукративни политичари се различни од егзистенцијалните потреби на мнозинството граѓани! Во пазарно ориентирано општество каде капиталот е највисока вредност, владејачките естаблишменти кои доаѓаат од најбогатиот слој се тотално отцепени од реалните потреби на обичните граѓани. Па оттука имаме во државата-рекордер во загаденост на воздухот баснословни сума пари потрошени на советници-шарлатани и анонимуси, на луна паркови и заменици на директори во нефункционалната бирократизираната администрација, како и рекордно високи примања во патни трошоци, ручеци и службени патувања во државата каде грото население не може да си дозволи ручек во ресторан.

Потребно е ги скратиме парите за НАТО и нивните војни за профит и да ги вложиме во животот и живите, како и во сета културна движна и недвижна оставштина.

Нешто, со што најдобро се претставуваме во светот и по што најдобро нѐ препознаваат!

Автор: Зоран Велковски, член на Централниот Комитет на Левица.