Асанж заслужува Нобелова награда, а не затвор

Ден по контроверзното и срамно апсење на новинарот и основач на ,,Викиликс’’, Жулиан Асанж, реакциите на светската јавност не стивнуваат. Напротив, лишувањето од слобода на Асанж, ги стави пред вистински тест концептите на денешниот неолиберален свет и му остави црна точка на оној најважниот – слободата на говор и изразување.

Но, и покрај тоа што овој настан ни отвора чист расудувачки видик, сепак ставовите по ова прашање се длабоко поделени и поларизирани. Додека неолибералните протагонисти, чија светост до вчера претставуваше неповредливоста на човековите права и слободи и слободата на изразување, денес магично се претворија во легалисти и апсењето на Асанж го третираат како крајна нужност на правната држава и победа на владеењето на правото, останатите со исклучително осудувачки тон јавно расправаат на оваа тема.

,,Солидарноста е со нашиот брат, обвинет од страна на САД за изнесување на виделина на вистината, убиствата на цивили и дипломатски шпионажи’’ Eво Моралес, претседател на Боливија

Гласините за одземање на азилот на Жулиан Асанж, кои циркулираа низ медиумите во изминативе неколку месеци, а како причина за тоа се наведуваше потклекнувањето на еквадорската влада под притисокот на САД и Велика Британија, проследено со соодветен надоместок за добро извршената задача, се испоставија како вистините и точни.

Ударната игла во ,,операцијата Асанж’’, oчигледно временски долго подготвувана и тоа во повеќе фази, несомнено се врзува со името на актуелниот претседател на Еквадор, Ленин Морено. Тој само ја продолжи политиката насочена кон имплементација на неолибералните економски принципи, во рамки на внатрешната политика, и воспоставување вазалски однос со САД, во рамки на надворешната политика.

 ,,Морено е најголемиот предавник во историјата на Еквадор и Латинска Америка. Дозволи влегување на британската полиција во амбасадата и апсење на Асанж. Морено е коруптивен човек, но она што сега го направи е злочин кон човештвото и никогаш нема да биде заборавено.’’ – Рафаел Кореа, поранешен претседател на Еквадор.

Одлуката за одземање на Асанжовиот азил влегува во сенка на низа симптоматични политички текови кои претходеа на истата. Заемот од 4,2 милијарди долари од Меѓународниот Монетарен Фонд, одобрен пред точно еден месец, како и јавното обелоденување на корупцискиот скандал во Еквадор, во кој главната улога повторно ја понесува еквадорскиот претседател.

Познавачите на приликите во Еквадор и јужноамериканскиот континент, согласни се со тоа дека Ленин Морено, преку случајот Асанж ,,убива две муви со еден удар’’. Прво, го оттргнува вниманието од лошото раководење со земјата и многубројните скандали поврзани со криминал и корупција на еквадорската влада (кои исто така се најдоа на една од насловните страници на ,,Викиликс’’), a второ, но не и помалку важно, добивањето заем од ММФ му го продолжува политичкиот живот.

Наместо апсење, Жулиан Асанж заслужува статуа

Енди Вермо, белгиски активист за човекови права, сигурен е дека Асанж ги предвидел актуелните случувања: ,,Aсанж се жртвува себеси за вистината. Целиот лов на вештерски е оркестриран и насочен кон него. Сите го знаат тоа. Но и покрај се, Асанж е херојот на слободата на говорот во светот.’’

Во интервјуто дадено за рускиот ,,Спутник’’, Вермо се воодушевува од идеализмот на Жулиан Асанж и додава дека тој му дозволи на светот да ја дознае вистината за војната во Авганистан и Ирак и поради тоа заслужува статуа, наместо апсење и Нобелова награда, наместо затвор.

Жестоки критики за апсењето на Асанж стигнуваат и од Обединети Нации, на адреса на Еквадор и Велика Британија. Експертите за човекови права во организацијата, гласно говорат за флагрантното кршење на правото и предупредуваат за консеквенците од реално можната екстрадиција на Жулиан Асанж во САД. Политички мотивираната одлука на еквадорската влада, за одземање на азил на свој државјанин, во потесна смисла претставува погазување на сопствениот државен суверенитет, а во поширока значи отворање на патот за нови политичко-правни отстапки во интерес на големите светски сили. Преседан од вакви размери може да значи само едно, правото и правдата да бидат подредени на силата и да бидат применувани селективно, во зависност од тоа кој ја поседува моќта во денешниот светски поредок.

Одлуката на еквадорската влада за предавање на Асанж во рацете на британските власти, активистот за човекови права, Питер Тачел, ја толкува како јасен прекршок и повреда на неговото државјанство и правото на азил: ,,Aпсењето ќе го стави во ризична позиција за екстрадиција во САД, каде што најверојатно ќе добие повеќе од 30 години затворска казна. Тој не стори никаква злоупотреба, освен што објави податоци поврзани со Челси Манинг. Податоци кои исто така беа објавени од „Њу Јорк Тајмс’’ и ,,Гардијан’’. Обелоденувањето на вистината за воените злосторства на САД, го прават Асанж херој, а не криминалец’’.