АктуелноЛокално

Франција и Британија лути на Германија поради забрана за извоз на оружје во Саудиска Арабија

Германија одлучи да ја продолжи забраната за извоз на оружје кон Саудиска Арабија за уште шест месеци, на негодување на европските економски партнери. Над дваесет јеменски невладини организации испратија петиција до германската влада за прекин на продажбата на оружје на Саудиска Арабија. Како причина тие исправно тврдат дека тоа оружје би се користело за вршење на геноцид.

Поради заедничкото производство на оружје на ниво на ЕУ, главните производители на оружје, Франција и Обединетото Кралство, се очекува да претрпат економска штета поради ваквиот потег. Германија лани доживеа пораст на извозот на оружје од 13%, со што стана четвртиот најголем извозник на оружје во светот и оствари профит од 18 милијарди евра во последниве пет години само од продажба на оружје (за оваа тема може да прочитате повеќе на овој линк).

Иако Германија ја има една од најригорозните регулативи за производство и трговија со оружје, практиката покажува дека трговијата со оружје е премногу слободна:  оружјето произведено во Германија често завршува во држави чии влади се познати по нивните брутални методи на репресија, односно тенкови од германско производство се употребуваат од страна на турската влада во бруталната војна против Курдите, а дел од нападите во Јемен (каде моментално владее најлошата хуманитарна катастрофа) се директно извршени со германско оружје. Една од причините е тоа што средбите каде се одлучува за издавање дозволи за трговија со оружје, во кои директно е вклучен и германскиот канцелар, се тајни и недостапни за јавноста, што лесно ги прави подобни за корупција. Другата причина е што владата предводена од Меркел активно водеше политика на масовно продавање оружје и опремување на војската во други земји, реформи кои дури добија назив како Меркелова доктрина.

Ова се покажа како успешна стратегија за сите германски политички партии: политичкото влијанието на Германија во глобалниот свет остана силно, додека германската воена индустрија профитира од тоа. Воедно германската влада не е приморана директно да учествува во надворешни конфликти, со што го задржува својот имиџ на мирољубива, прогресивна земја. Токму поради ова,  останува скептицизмот дали навистина оружјето нема, преку посредници, да стигне до вахабистичкиот султанат.