20 години од бомбардирањето на Југославија: дали конечно нè покорија?

23 март, 1999 година. Премиерот на Југославија, Момир Булатович, дава изјава пред народот. Застрашувачка и крајно збунувачка: државата е во непосредна воена опасност. Истиот ден започнува 78-дневното бомбардирање во кое загинуват 2 500 цивили, а 12 500 се повредени.

Станува збор за војна која што се одвива осум години по распадот на СФРЈ. Американскиот империјализам имаше многу поинаква замисла за иднината на бившите земји членки на социјалистичката федерација. Самоопределување – да, но единствено доколку народот се самоопредели да биде слуга на Западот, што впрочем е обратно од самоопределување. Но, во духот на капиталистичката логика, се се превртува наопаку, па неоколонизирањето на балканските држави беше прикажано преку својот антоним.

Поранешна Југославија е само една држава во синџирот „диктатури“ каде што САД ја донесе својата „демократија“. Методот е денес веќе добро научен. Западот не може да го издржи притисокот на сопствените противречности – тој мора да се шири, да освојува, да уништува. Да бара нови пазари, да бара суровини, руда, минерали, нафта, евтина работна сила. Државите кои тоа нема да му го дадат милум, се прогласуваат за диктатори и се бомбардираат.

Без разлика дали станува збор за Слободан Милошевиќ (Југославија), Башар Ал Асад (Сирија) или Муамер Гадафи (Либија), релативизирањето е идентично. „Милошевиќ е диктатор, подобро да убиеме 2 500 цивили за да се опамети“, пискаат шизофрено либералните апологети на Демократската Партија, додека Бил Клинтон го предводи „хуманитарното“ бомбардирање. Колатерална штета е секој народ што не е империјалистички. Инаку би било сосема во ред и Американците да ги бомбардираме сега, релативизирајќи ги жртвите и походот по поголем профит со конзервативноста на Трамп.

Анти-империјалистичките движења, тогаш и сега, кои се навраќаат на 1999 година се неретко обвинети за шовинизам и идолопоклонство кон Милошевиќ, небаре е нејасно дека политиката на Милошевиќ беше во голема мера обликувана од српскиот национализам и го репресираше албанскиот народ во Косово. Впрочем, и овде е најеклатантниот пример на смената на значење на термините „самоопределба“ и „неоколонизирање“. Нажалост, на работниот народ во Косово само му беше наметната вазалска влада која слугува на САД, а за трошките кои ги доби, империјализмот кој го угнетува работниот народ во целиот свет стана многупати помоќен. Зборувајте ми за шовинизам, ве молам!

И 20 години подоцна, во Србија и Босна се случува „шарена“. Брза Западот да ги земе во свои прегратки, бидејќи губи на Блискиот Исток, а не и оди сјајно ни трговски против Кина. Каде сме ние во приказната? Нам ни се случи „шарената“, ни се случи Преспанскиот договор и денес сме пред портите на НАТО. Никој не не праша дали сакаме да влеземе, дали не емпатизираме со српскиот народ со кој еднаш заедно градевме работничка држава, дали не емпатизираме со работниот народ од цел свет, згазен од империјалната чизма. И тој еден „консултативен“ референдум, со три прашања и уцена во едно, никој не го послуша. Дали конечно нè покорија? Така изгледа, кога Западот одлучува наместо тебе. Па и во духот на Западот, можеме да потврдиме: ако оди како патка, ако плива како патка и ако квака како патка, веројатно е патка!

Од редакцијата.