Левица: Државата функционира со дотраени пожарникарски возила додека функционерите делат 750 000 евра за патни трошоци

Соопштение на политичката партија Левица.

Огромните пожари кои секојдневно горат на цела територија на државата ја демонстрираа целосната нефункционалност на институциите. Застарените возила стари 40 години, недоволниот број на стручен кадар и неинвестирањето во современа опрема го отежнува гаснењето на пожарите, по примерот на Скопска Црна Гора, каде пожарот продолжи да гори и во текот на ноќта.

Меѓу другото, тројно е зголемен бројот на пожари во изминатите три месеци во однос на минатата година, додека нема никакви информации од надлежните органи за осомничени сторители и покренати кривични пријави! Граѓаните обвинуваат дека интензивно се пали трска заради ослободување простор за приватни плажи, дека се подметнуваат пожари од страна на шумската мафија, а од министерот Спасовски добиваме само молк и апели да не се палат пожари!

Наместо сериозни инвестиции и модернизација на клучните државни сегменти за справување со кризи, парламентарните бизнис-партии пред два дена одделија износ од 750 000 евра за службени патувања, односно обичните граѓани дневно ќе плаќаат речиси 700 евра само за луксузните патувања на функционерите.

Ваквите корумпирани и криминални политики на сите досегашни партии на власт резултираа со немање базичен систем за заштита на безбедноста на граѓаните, при што и мали природни непогоди резултираат со огромни последици, некогаш дури и со човечки животи.