Левица со иницијатива до Уставниот суд по повод „шверцуваниот” Закон за двојазичност

Соопштение на политичката партија Левица.

„Политичката партија Левица поднесе иницијатива до Уставниот суд на РМ за целосно поништување на т.н. Закон за употреба на јазиците, поради формално-правни причини, со барање за изрекување временена мерка за стопирање на неговата илегална примена.

Спорниот закон е донесен со грубо кршење на сите деловнички процедури во Собранието на РМ и е плод напартиските пазарења помеѓу двата криминални партнера од власта СДСМ и ДУИ. Европското знаменце безобразно е искористено каде што не му е местото, само за да се сосече во корен било каква суштинска и јавна расправа по овој противуставен „закон“. Исто така, „законот“ е пуштен во правниот промет нелегално, односно без потребниот указ од Претседателот на Републиката, што претставува кривично дело за кое некој во иднина ќе сноси одговорност. 

Овој т.н. закон покрај тоа што е неуставен, е и крајно националистички и контра-кохезивен, односно ваквото потенцирање и перпетуирање на етничките разлики ќе доведе до понатамошна сегрегација на народот, што пак ќе предизвика дополнителна дезинтеграција на граѓанството.

Конечно, законот е алиби за сиромаштијата! Тој е лажно претставен како унапредување на културните права на заедниците, додека нивното достоинство – поради неспособната и корумпирана Влада – секојдневно се губи во бедата и екстремно лошата социјална состојба на поединците кои се дел од тие заедници. Имплементирањето на овој закон беспотребно ќе има големи финансиски импликации и ќе биде сериозен товар за институциите, кои и онака се неефективни и неефикасни.

Законот е политичкипримитивен и провокативен, и во ниеден случај не ги рефлектира интересите на заедниците – туку, преку лажниот триумфализам манифестиран од страна на политичката елита на ДУИ, служи за потпалување на меѓуетничката омраза и нетрпеливост, зајакнувајќи го етно-национализмот и поткопувајќи ги темелите на унитарниот карактер на Републиката.”