Еуромакс со уште една тужба, Митко Ристоманов им порача „Победата е наша!”

Уште еден активист против рудниците на смртта доби закана за тужба од корпорацијата Еуромакс. Во продолжение во целост ја пренесуваме реакцијата на Митко Ристоманов, еден од најекспонираните активисти против рудниците во Иловица-Штука.

„ЗАРАДИ СТАТУСИТЕ НА МИТКО ОД НОВО СЕЛО ИМ ПАДНАЛЕ АКЦИИТЕ НА БЕРЗАТА ВО ТОРОНТО?!

Апсурдноста на насловот погоре произлезен од логиката на опомената пред тужба која ја добив деновиве од страна на компанијата за манијачење по ФБ профили и губење време Еуромакс Банкротис, неумоливо ме потсеќа на една анегдота кажана од страна на мојот сосед, кој на судење после неколку нему последователнo поставени нелогички прашања рекол: „Какво е влијанието на Лондонската магла врз развојот на пубертетот на комарците од Моноспитското блато?“ – Потполно исто какво што е и влијанието на никому извесниот Митко, од необичното Ново Село врз одлуките на странските инвеститори на берзата во Торонто. Но очигледно корпоративните Oрки од Еуромакс Банкротис сметаат поинаку.

Досега си мислев дека големите странски инвеститори пред да донесат одлука, читаат Блумберг, Форбс, Форчн Ривју, читаат за мене неразбирливи и сложени извештаи, се консултираат со поискусни колеги од нив, но судејќи по Вашата изопачена логика, цело време 24/7 дремеле на мојот ФБ профил.

Па така
Непочитувани господа и госпоѓи од Еуромакс Банкротис,

Вашите акции на берзата немаше да Ви паднат ако не се служевте со нечесни средства, кои ние ги откривме и ги раширивме во јавноста, па заради тоа властите сеуште не Ви ја даваат дозволата за работа. Вашите безкруполозни менаџери во соработка со нашите расипани политичари решија да ја прогласат Вашата студија за оцена на влијанието на идниот рудник врз животната средина, за ДРЖАВНА ТАЈНА. Ние од странски извори, поточно од нашите иселеници во Канада и Австралија, дознавме за податоците внатре, за илјадниците тони натриум цијанид, сулфурни, солни и останати силно агресивни киселини, за чудовишната хидројаловишна брана, за илјадниците тони анфо експлозив и постојаните детонации, за неповратното загадување на подземните води, за 10те милиони тони радиоактивната прашина збогатена со тешки метали, за сечењето на над 1500 ха дабова шума и многу други страшни работи, кои како змијата нозете сакавте да ги скриете од јавноста. Но попусто.

Заради Вашата алчност и безобзирност, која ја откривме, заради Вашата неспособност да ги исполните превземените обврски од договорот (едвај 2/9), заради сите пролонгирани и испуштени рокови, кои подоцна се обидувавте да ги покриете со Гебелсови лаги и манипулации, ама баш ниедна нормална власт, никогаш нема да Ви даде дозвола за работа! Имајте го тоа на УМ! Затоа и Ви паднаа акциите за над 600%, а не заради изнесените податоци на мојот ФБ профил, па макар и сите да биле неточни и клеветнички, како што впрочем сега, во состојба на очајна немоќ Вие тврдите.

А ако сеуште мислите да ја замајувате јавноста и да се залажувате себеси до последното евро за платени огласи, одговорете си искрено на ова прашање: ДАЛИ АКО СИТЕ НИЕ – ОБВИНЕТИТЕ ЕКОЛОГИСТИ, НА КОИ НИ СЕ ЗАКАНУВАТЕ СО ТУЖБИ, ПО НЕКОЈ НЕВЕРОЈАТЕН СПЛЕТ НА ОКОЛНОСТИ ВИ СЕ ИЗВИНИМЕ, ДАЛИ ПОСЛЕ ТОА АВТОМАТСКИ ЌЕ ВИ СЕ ПОКАЧАТ АКЦИИТЕ?
И малите деца знаат дека одговорот е негативен. Фатени сте со спуштени гаќи во Вашите нечесни намери, па затоа никој повеќе не Ви верува, затоа нема никој да Ви дозволи да ја реализирате Вашата налудничава идеја овде да имате рудник на смртта.

Вашата расипаност и алчност, Вашата надмена вообразеност, како и Вашиот понижувачко-потценувачки однос кон сите нас кои се бориме не за баснословни профити, туку за општото добро, се виновни за Вашиот неуспех. Но таквите, ендемично тупави нелуѓе со ограничена свест како Вас, тешко можат да го сфатат тоа.

И конечно да се осврнам конкретно на вашите обвинувања кон мене. Но најпрвин за основните работи да си бидеме начисто. Зборовите углед, чест и достоинство со Еуромакс Банкротис или корпоративните Орки вработени таму, едноставно не одат заедно! Тие во свеста на граѓаните на Југоисточна Македонија, а богами и пошироко се длабоко врежани како суштински противречности! Тоа е нешто слично како да кажеш дрвено железо, метална пластика, или како …. хмм да, се сетив – бесшумни експлозии, садење дрвја во јаловина, гринфилд модерен рудник и безбедно хидројаловиште!

1. Сте се навредиле што сум ве нарекол БИТАНГИ! Јас им се извинувам на сите оние кои носат по 2 пара долна облека, што сум ги споредил со така долни кукавици како Вас. Кукавици кои секогаш бегаат од нас како ѓавол од крст, при првото соочување со нашите непобитни аргументи. За Вашите скандалозни бегства од вистината во повеќе наврати имам десетина сведоци.

2. Вашата концесија за експлоатација Ви е истечена уште од јули 2016, кога според договорот склучен во 2012 сте го испуштиле последниот рок да ја приложите сета потребна документација, така да веќе повеќе од 2 ипол години сте во нелегални дејанија. Тоа што се трудите без повторување на постапката одново, што би значело нови студии, нови јавни расправи, нови проекти… да добиете преку леб погача, односно – А интегрирана дозвола за работа, е надвор од сите пропишани позитивни законски практики. Таквиот Ваш несуден рудник, ако хипотетички би се реализирал би бил НЕЛЕГАЛЕН! А за негативните последици по животната средина и локалните жители има подоста материјал имено во Вашите студии. Прочитајте си ги убаво и спокојно, ако тоа досега го немате направено.

3. За вашето суптилно вршење поткуп преку разно разни ситни донации, финансирање на навидум добротворни манифестации – со цел да си го обелите црниот ѓон од корпоративен образ што го имате. Но тоа воопшто не беше целта на мојот статус. Сепак оној кој си ја има мувата на капата и чија совест е нечиста сам потсвесно си ги признава гревовите.

Зборот ми беше за оние „експерти“ кои екстра ги плаќате, за да тие од позиција на своите стекнати титули и авторитет стручно го замајуваат народот, дека се е во ред со вашите неодобрени студии и дека влијанието по животната средина од рудникот на смртта е сосема минорно, па дури и полезно. Конкретно во објавата подолу се наведени 15 начини на пукање на хидројаловишни брани ширум светот. Не знам каква и дали воопшто имаат совест од вас платените ЕКСПЕРТУТКИ да тврдат бесрамно дека камено-насипната хидројаловишна брана со 276м висина на круна – 6та највисока во светот, изградена од отпаден материјал без глинено или армирано бетонско јадро, градена етапно како се полни јаловиштето така за 23 години експлоатација да расте и круната, дека такво едно чудовиште од брана ќе биде сосема безбедно и стабилно.

Поготово што добар дел од она што го тврдат се базира на претпоставки, заменети податоци со целно намалени вредности, се со цел проектот да помине ради реда. Не можете да тврдите дека би издржала пороен дожд кој паѓа еднаш во 1000 години, земено од средното течение на сливното подрачје на река Вардар, кога треба да земете податоци од пороен дожд кој паѓа еднаш во 10 000 години од самата локација каде ја проектирате браната. Не можете да тврдите дека вашата фамозна геомембрана, дури да претпоставиме во идеални услови да нема никакви пукнатини, вечно би ја задржала отровната хидројаловина да не истече во околното земјиште, кога и најдобрата геомембрана има рок на траење од 15-20 години. Што правиме потоа?

И не можете да не успокојувате дека истата таа ваша брана изградена врз база на лажирани податоци и претпоставки ќе издржи земјотрес со силина од 6 степени по Рихтер, кога на само 40км воздушна линија во Кресна 1908 година е измерен најсилниот земјотрес во Европа со јачина од 7,8 рихтери, – 18 пати посилен од онаа вредност што од петни жили се обидувате да не убедите дека вашето чудовиште од брана би го издржало.

Посебно смешни и навредливи за нашата интелигенција се вашите тврдења дека оваа стравична брана нема воопшто естетски да го нагрди теренот, дека нема ни да се гледа од котлината, како и дека ќе сте саделе дрвја по карпестата круна од браната. Немили Орки од Еуромакс, ако сте ги испуштиле лекциите од Запознавање на природата во 3то одделение, дозволете ми да Ви објаснам дека растение во карпа или јаловина, корен не може да пушти, ниту пак може да вегетира. Потребна му е здрава почва, богата со органска материја. Токму таа најплодородна почва во Македонија – Струмичката котлина, која во случај на пукање на Вашата брана ќе биде неповратно уништена и прекриена со неколку метри отровна кал. По наши проценки околу 14 000 ха, со се бројните човечки жртви и останатите материјални штети од неколку милијарди евра. Но Вам Ви е сосема сеедно, Вие и онака не живеете тука. За разлика од нас!

И никако не можам да се начудам на Вашата ирационалност. Очигледно сте во паника. Удривте по нас еко-активистите, единствените кои ја држат борбата на едно цивилизирано ниво. На оние кои ги спречуваат бројните запалени глави да се пресметаат на свој начин со Вас, убедувајќи ги притоа сите, дека сите правни и морални аргументи се на наша страна. Јас лично повеќе нема да го правам тоа. А доколку ме тужите, за што немате ама баш никаков законски основ, убеден сум дека судењето ќе биде таков циркус и ќе добиеме таква медиумска покриеност што ќе Ви се удри од глава.

НАШЕТО ДЕЛО Е ИСПРАВНО!
ВИЕ ЌЕ БИДЕТЕ ПОРАЗЕНИ!
ПОБЕДАТА ЌЕ БИДЕ НАША!

Рудник во Иловица-Штука нема да има!”